logo
logo
logo

Антонио Пејоски има нова песна - МИРИСА НА ЛЕТЕН ХИТ!

Vecer | 04.07.2022

Антонио Пејоски има нова песна - МИРИСА НА ЛЕТЕН ХИТ!

„Колку те посакувам“ е насловот на новата песна што доаѓа од музичката работилница на стружанецот Антонио Пејоски. Станува збор за одлична летна композиција, нешто сосема поразлично од актуелната музичка понуда на домашната сцена. Антонио, вели, песната ја правел со многу љубов и желба сите оние кои ќе ја слушнат да се „размрдаат“. Интересно е што тој самиот е автор на оваа композиција за која открива дека инспирацијата ја нашол во љубовта како непресушна тема.

Антонио е автор на музиката и текстот, додека аранжманот, миксот и мастерингот се со потписот на Методија Столески. Секако тука се и неговите музички соработници Марко Лазороски на гитара и Кирил Митрески на клавијатури, кои му помогнаа да ја комплетира оваа музичка приказна. Кадрите за видеото, кое ја следи целата летна идеја и е снимено и едитирано од Кристијан Љушев, се направени на повеќе локации на Охридското Езеро, потоа на Galaxy beach – Претор, како и во ресортот Цоца - Сливница. Главните улоги, пак, им припаѓаат на Светлана Куциноска и Мартин Јузмески.

„Песната не е автобиографска, едноставно сакав само да пренесам порака за љубов и да порачам дека кога нешто во животот се прави со љубов и искрена желба тогаш не постои невозможно. Направена е во реге тон, односно е убава комбинација од наши, карактеристични, инструменти со звук што се слуша во светот. Сакав да имам нешто поразлично од музиката која е актуелна на нашите простори периодов и навистина верувам во „Колку те посакувам““, вели Антонио, и додава дека е среќен што првичните реакции се позитивни и што иако во етерот е пуштена пред само неколку дена публиката на неговите настапи веќе ја пее во еден глас.

„Колку те посакувам“ доаѓа по шест години пауза, но пауза само од правење авторска музика. Зашто Антонио иако е младо момче, но можеби само по години – никако во светот на музиката, тој веќе одлично гази кога се живите свирки по клубовите и кафулињата ширум земјава во прашање. И тука не завршува неговата музичка приказна зашто заедно со својот бенд е чест гостин и во Косово и Грција каде, исто така, има живи настапи. Има снимено и неколку кавери, кои вели, ги прави на свој начин и за песни кои му се драги. Оваа пауза од шест години, признава, му помогнала да созрее музички и да се подготви за периодот што следува, а во него веќе мириса на дует.

Дотогаш уживајте во одличната „Колку те посакувам“ и, секако, во видеото полно со македонска убавина – секој нека си ја одбере својата, затоа што има по нешто за сите – и за оние кои сакаат да слушаат убава музика и за оние кои сакаат и да ја слушаат и да ја гледаат.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk