ВЕЧЕР НА ВИСТИНСКО УЖИВАЊЕ:

Ал ди Меола ќе ги свири Битлси во МОБ!

Ал ди Меола ќе настапи со многу специфична програма, со музика на Битлси, Пјацола, како и негови авторски песни.

Еден од најголемите светски и најнаградувани гитаристи на сите времиња, после пауза од речиси 10 години повторно се враќа во Скопје, со два ексклузивни концерта во една вечер (од 20 и од 22 часот), на 25 ноември во МОБ. Ал ди Меола ќе настапи со многу специфична програма, со музика на Битлси, Пјацола, како и негови авторски песни.

Пошироката светска јавност го запозна Ал ди Меола во 1970-те години, како гитарист во џез-фјужн составот "Return To Forever", во кој членуваат клавијатуристот Чик Кореа, басистот Стенли Кларк и тапанарот Лени Вајт. За тоа време, додека тој е член во „Return To Foverer", составот објави три албуми. Но кон крајот на 70-те години музичарот одлучува да прави соло кариера и до денес има објавено 24 албуми, освоено многу значајни награди и продадени над 10 милиони копии од своите изданија.

Освен со Кларк и Кореа, Ал ди Меола е познат и по соработката со колегите Пако де Лусија и Џон Меклафлин, кои во јавноста беа познати под името "гитарско супер трио".

Долгата листа на соработници на Ал ди Меола вклучува и имиња како Пол Сајмон, Фил Колинс, Лучано Павароти, Карлос Сантана, Џими Пејџ, Френк Запа и многу други. Влезниците ќе бидат пуштени во продажба од понеделник по цени од 1.500 и од 2.000 денари.

Поврзани

Најнови вести

Коментари