Заврши 32. издание на Макфест

5 000 евра за Анабела Атијас и Зоран Илиев

Победниците најавија дека дел од парите ќе бидат донирани во хуманитарни цели

Би уште едно Макфестовско издание, по кое како победници од домот на културата „Ацо Шопов" во Штип дома си заминаа младиот штипјанец Зоран Илиев и неговата колешка од соседството Анабела Атијас. Со дуетската „Од утро до вечер" Зоран и Анабела успеаја да триумфираат на 32. фестивалско издание и да ја освојат победата и паричната награда во вредност од 5000 евра во денарска противвредност. Автори на победничката композиција се Стојанче Аврамов, чии се музиката и текстот, и Зоран Алексиќ, кој е автор на аранжманот. На вицешампионското место се пласираше Мартинијан Кириловски со баладата „Дождови" на авторскиот тим Магдалена Божиновска-Стојанова, музика и аранжман, и Елизабета Кралевска, текст, а кому му припадна наградата од 4 000 евра, додека на третото место со освоени 3 000 евра се најде одличната Антониа Гиговска со „Погледни ме" на Кире Костов, музика и аранжман, и Миодраг Врчаковски, текст.

Меѓу наградените уште се најдоа и Соња Бишоп од Финска на која и припадна наградата за најдобар аранжман, Мартина Иванова за најдобар стајлинг, Ѓунеш од Белорусија за најдобра интерпретација, The Chiks за најдобар дебитант.

ЗАД СЦЕНАТА

А таму годинава прилично тивко, особено за познавачите на фестивалските прилики кои паметат многу, многу посреќни времиња. И пред салата тивко, зашто веќе ја нема онаа макфестовска, празнична, атмосфера, ги нема дечињата кои ги пречекуваа своите идоли барајќи автограми, нема турканици, гужви... Со оглед на тоа дека годинава доминираа помалку познати имиња и дебитанти некако сите беа фокусирани на своите настапи и разбивање трема, па ретки беа моментите на дружби. Недостасуваа и познати авторски имиња, секако, зад сцената. Од она што го видовме таму „дружбата" се сведуваше на фотографирање за Фејсбук и Инстаграм, „лајв" вклучувања, потсредување на шминката... И толку... Некој ќе рече Макфест не е тоа што беше. И можеби така е, ама ни и изведувачите не се тоа што беа нивните повозрасни колеги...

 А.Т.

Поврзани

Најнови вести

Коментари