КОМПОЗИТОРОТ АЈРИ ДЕМИРОВСКИ ДОБИТНИК НА ВИСОКО ПРИЗНАНИЕ

За Битола мој роден крај почесна титула

Иако повеќе од 50 години живее во Турција, битолчанецот Ајри Демировски не го заборава родниот град за кој напишал композиции што се вброија во антологиските мелодии за Битола, која пак, при годинашното одбележување на 4 ноември, денот на ослободувањето, му овозможи да ја добие титулата почесен граѓанин

Битола не без причина се нарекува "најопеан град". За неа се испеани многу песни. Некои од нив се со антологиска вредност зашто се пејат на сите страни од светот каде што има битолчани и каде се знае за убавините, карактеристиките и знаменитостите на овој град. Меѓу тие песни особено е позната "Битола мој роден крај". Но, малкумина знаат дека нејзин автор е Ајри Демировски. Тоа беше повод членовите на Фондот на наградата "4 Ноември", која традиционално се доделува по повод Денот на ослободувањето на градот, на Ајри Демировски да му биде доделено признанието "Почесен граѓанин". "Вечер" меѓу првите, по телефон, му го честита ова признание во Турција, каде што Демировски живее повеќе од 50 години.
- Признанието толку многу ме израдува и возбуди што лекарот ме посоветува да не дојдам лично да го примам зашто одамна сум со нарушено здравје - ни рече Демировски.
ТУЃИНА
Инаку, Ајри Демировски е роден во Битола во 1927 година, а на свои нецели 30 години замина во Турција од каде на неколку пати доаѓа во Битола, а последен пат во 2000 година. Тогаш за својата песна прими честитки и од првиот претседател Киро Глигоров. Тој како млад го изучува берберскиот занает кај народниот херој Вангел Тодоровски - Мајоро и бидејќи ја сакал музиката се пријавил за солист во Радио Битола. Бидејќи на конкурсот не бил примен, таму сепак се вработил како ноќен чувар. Навечер во "малите саати" Демировски наместо да спие, "составува" песни. Не знаел ноти, но други лица му ги запишувале мелодиите. Подоцна застанал и зад микрофонот и во програмата што се емитувала во живо започнал да пее свои песни, бидејќи останатите си имале свои пејачи. Така, тој започнал да компонира за својот град. Набргу станал еден од популарните пејачи во Битола. Ајри Демировски се почесто пеел свои песни.
Ја напишал песната "Таму ле мајко, близу Битола", посветена на двајцата борци од овој крај Таки Даскало и Елпида Караманди. Се смета дека токму и со оваа песна нивното дело станало незаборавно, но песната "Битола мој роден крај" ја напишал по големата љубов кон родниот град.
- Иако поминав сиромашно детство, се уште не можам да го заборавам животот низ тесните сокачиња, другарите, песните. Со "Битола мој роден крај" сакав да ја искажам својата голема љубов кон мојот град. Јас иако живеам на релација Истанбул - Измир се сметам за битолчанец. Битола ми е во срцето - вели Демировски.
СОЛЗИ
Во еден период во 50-тите години кога голем број Турци од Македонија и Битола започнаа да се иселуваат во Турција, така, за разделба со родниот град се подготви и Ајри Демировски.
- Тешко се одлучив за заминување зашто моите песни "Мариче ле лично девојче", "Само ти се чудам Цвето", "За кого ти цути Дано лицето", станаа многу познати и најмногу се бараа во емисијата "Поздрави и честитки на наши слушатели". Во таа емисија за последен пат ја испеав и песната "Денот веќе ми наближа на гурбет да заминам". Ја испеав и "Битола мој роден крај" и се качив на возот. Плачев, а со мене и колегите од оркестарот и многуте граѓани што ги испраќаат своите блиски и сакани. Заминавме во туѓина. Оттогаш и после толку години се уште плачам за својот град.
Ајри Демировски замина, но останаа неговите песни. Се пеат во разни пригоди. Тие се негов белег и музички печат на градот. Не се забораваат како и неговиот автор. Во 2000 година нему му беше доделено и признание од тогашниот градоначалник Силјан Мицевски, а од студиото "Мал битолски Монмартр" и колективот на Радио Битола и други признанија. Ајри е присутен во многу музички емисии. Граѓаните се интересираат за неговиот живот и здравје.
Инаку, Ајри Демировски во Турција е познат со името Хајретин Ондер и таму започна најпрвин да работи како бербер, потоа станал фирмописец, па цртач во весници и сопственик на весници. Хумористичниот весник "Салата" од 1972 до 1977 година имаше тираж од околу 100.000 примероци.
- Сега сум пензионер кој постојано го сонува родниот град. Јас живеам со Битола и споменот за неа. Со многумина се слушам по телефон, се распрашувам за врсниците, пријателите. Годинава навистина имав голема желба да дојдам пак во Битола, но тоа признание што ми е доделено како да ми го поремети планот. Толку многу се возбудив што побарав лекарска интервенција. Сакам и во оваа прилика да ги поздравам битолчани и да им се заблагодарам за признанието - го заврши разговорот Демировски.
Неговото признание е искажано од секој битолчанец кој не може без песната "Битола мој роден крај". Таа ќе остане засекогаш. Како и споменот и љубовта кон Битола на авторот на песната, Ајри Демировски.

Најнови вести

Коментари