– Поднесовме три барања за вештачењето на телефонот на Бојан Јовановски, но бевме одбиени со образложение дека тие го извештачиле за потребите на обвинителниот акт и дека во тоа сме имале увид. Вистината е дека тој фамозен телефон никогаш не е вештачен, а особено не од вешто лице, вели во интервју за „Република“ , адвокатот Сашо Дукоски. Тој објаснува дека и истражителот кој се самонарекува форензичар признал дека е без лиценца и оти не извршил вештачење туку анализирал само три слики.

– Во телефонот на Боки има многу работи кои би утврдиле поинаква фактичка состојба, фотографии и разговори. Мислам дека попрво Обвинителството ќе се сруши отколку да дозволи телефонот да се вештачи- убеден е Дукоски.

Пандорината кутија што Боки ја најавуваше, Дукоски се надева дека ќе биде отворена доколку политичарите се појават како сведоци во суд.

– Ние не ги викаме за да правиме некое шоу или циркус. Ги викаме на конкретни околности дали знаат дали биле вкучени бидејќи тоа било проект од општ интерес.Тоа не е нешто што му текнало на Бојан Јовановски и реално тоа еден човек не може да го направи, вели Дукоски и додава дека Боки не е во добра здравствена состојба.

– Не може да биде добро ако му вадат материјал од желудникот за биопсија. Во провладини медиуми беше објавено дека немал карцином. Значи, ако нема карцином тој е супер здрав. Не може така. Која е причината некого да држите во ефективен притвор, објаснува неговиот адвокат.

Во врска со случајот „Меѓународен сојуз“ Дукоски објаснува дека бизнисмените Мицевски и Амзовски до последен момент верувале во проектот на Јовановски за изградба на стари лица.

– Јавноста виде како Мицевски излегува од Обвинителството или вели дека не е измамен и оти верува во проектот. Подоцна му се прати финансиска контрола во неговите фирми и после неколку денови тој поднесува кривична пријава за измама и добива својство на оштетен и така тргнува овој предмет, вели Дукоски.