logo
logo
logo

Пандемијата го оштети менталното здравје на децата и ја зголеми сиромаштијата во земјава

Vecer | 02.06.2021

Пандемијата го оштети менталното здравје на децата и ја зголеми сиромаштијата во земјава

Нарушена социјална заштита, образование и здравствени услуги, како и психолошки последици од седењето дома и наставата на далечина, се дел од последиците врз децата што ги утврди студија на „Фајнанс тинк“

Многу деца живеат под просекот на животниот стандард, нарушени им се услугите за социјалната заштита и образование, здравствените услуги, а пандемијата преку карантинот, седењето дома и наставата на далечина остави психолошки последици врз нив кои допрва ќе се манифестираат. Ова се заклучоците на истражувањето што го направи „Фајнанс тинк“, која се занимава и со прашањето како последиците сега да се ублажат.

– Децата не се лицето на оваа пандемија, но тие се меѓу нејзините најголеми жртви. Со повеќе од една година затворања, празни училници, нарушени услуги, загуби во семејната егзистенција, животот на децата се смени на длабински начин. Погодени се сите деца, од сите возрасти, но за најранливите пандемијата и нејзините социоекономски последици ги влошија претходно постојните слабости и неповолности. Без дополнителни инвестиции во мерки за враќање на пристапот до виталните услуги во заштитата, образованието и здравството, пандемијата може да има доживотно влијание врз децата – рече Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.

Само 73 отсто од домаќинствата што ги исполнувале условите, ја искористиле владината социјална помош за семејствата, покажува студијата. Речиси секое трето домаќинство живее во релативна сиромаштија, а бројот на сиромашни деца за една година се зголеми од 16.000 на 19.000. Од 18 до 25 проценти од учениците биле вознемирени поради променетиот начин на настава.

– Иако Владата дизајнираше шест пакети мерки за справување со социјалните и со економските последици од пандемијата, тие ретко беа насочени кон децата. Искуството со ковид-19 ни покажува дека треба да размислиме за приспособување на системот за да може да ги заштити најранливите деца при идни шокови, како што е пандемијата – рече Благица Петрески од „Фајнанс тинк“, која смета на децата треба директно да им помогне во училиштата, а не преку нивните родители.

Клучно за надминување на траумите кај децата ќе биде нивното што поскоро враќање во училишните клупи и психолошката поддршка од наставниците.

– Прашањето не е дали учениците треба да се вратат во училиштата, туку дали се обезбедени услови во самите училишта за тоа, како што е одржувањето хигиена на највисоко можно ниво и сите други потребни протоколи – вели Ди Џовани. Таа го нагласи ставот на УНИЦЕФ дека „училиштата треба последни да се затворат и први да се отворат“.

Психосоцијалната поддршка мора да остане расположлива, достапнa и пристапна преку градење на капацитетите на стручниот персонал за советувања ученици и родители, кои искусуваат тешкотии во емоционалното и менталното здравје, се додава во истражувањето.

„Наставниците се тие што сега мора да работат на обезбедувањето психолошка поддршка на учениците и надминувањето на нивните трауми. Потребни се дополнителни напори за да се осигури дека наставниците и училишниот персонал ќе ја примат вакцината, така што тие ќе бидат заштитени од вирусот и ќе можат да одржуваат часови во физичка училница“, утврди студијата на „Фајнанс тинк“.

Филипче: Успешно лекуваме деца со постковид симптоми

Ниту едно дете не починало како последица од вирусот, а нивните лекувања се третираат успешно, рече министерот за здравство Венко Филипче на вчерашниот Ден на детето.

– Лекувањето на 90 деца што се со постковид симптоматологија е многу успешно и верувам тоа ќе биде поттик сите колеги да работат уште повеќе и да ги следиме трендовите од светот – истакна министерот Филипче.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk