x

OLD BUT GOLD (1994, Македонија – Данска): Kога Митко ја „запали“ нацијата, a Панчев „изигруваше“ селектор (ВИДЕО)

Зоран Бошковски засекогаш ќе остане запаметен како стрелец на првиот гол на Македонија, но Митко Стојковски ќе го паметиме како стрелец на првиот гол на еден квалификациски натпревар. 

Ден 7 септември 1994 година, преполн Градски со повеќе од 25.000 гледачи. Напалена атмосфера по одличните резултати на пријателските. Доаѓа Данска, актуелниот шампион на Европа. Тоа беше првиот натпревар од квалификациската група за ЕП 1996 во Англија. Прв квалификациски меч за Македонија во историјата.

Селекторот Дончо, на тој меч пред 26 години, сметаше на Трајчев, Станојковски, З. Јовановски, Стојковски, Најдовски, Марковски, Бошковски, Б. Ѓуровски, Панчев,Бабунски, Т. Мицевски. Играа и Канатларовски и Серафимовски. На другата страна селекторот Мелер- Нилсен мечот го почна со Шмајхел, Хелвег, Рипер, Олсен, Хансен, Нилсен, Јенсен, Вилфорт, Кристиансен, М. Лаудруп, Б. Лаудруп. Играа и Ларсен и Поулсен. Силни, пресилни Данците, но и Македонија со еден од најсилните состави во својата историја. 

ВО ЧЕТВРТАТА МИНУТА „ЕКСПЛОЗИЈА“….

Се играше 4.минута, од таа десна страна Панчев ја врати топката пред гостинскиот гол, среќа не ја зафати Чоко Бошковски, за да таа дојде до осамениот Митко Стојковски. Секако дека тоа беше гол, гол со кој Митко ја „запали“ Македонија. Се чини никогаш порано и никогаш подоцна на Градски немаше толку галама, толку еуфорија со толку децибели. Кога ќе ги гледате видеата секако дека треба малку тонот да го засилите и да уживате. Каква радост тоа беше, радост за аналите. Македонија води против европскиот првак. 

На полувремето во соблекувалната, може да се уверите исто преку видеата, како во сауна. Физиотепаревтите со пешкири ги „ладат“ нашите херои, додека чико Дончо веќе не знае што зборува. Нормално е тоа во таква еуфорија. А Дарко Панчев, нашиот најдобар фудбалер за минатиот век, „глумеше“ селектор. Го зема фломастерот и им црташе на своите соиграчи што и како да играат. Интересна слика.

ЛАКТОТ НА ДАРКО, ИСКЛУЧУВАЊЕ, ДАНСКА КАЗНУВА

И почна вториот дел, не се одигра ниту втората минута кога нашиот најдобар фудбалер падна на провокацијата на еден дански репрезентативец. „Заигра“ лактот на Даре, и нормално Марио ван дер Енде, веројатно тогаш најдобриот судија во светот, му го вади црвениот картон. Шок за Панчев, шок за сите 25.000 луѓе на Градски. Ова на Дарко не му требаше, сите го коментираа. И тогаш заигра јанѕата, како во воздухот да лебдеше помислата дека ќе примиме гол. Момците на Дончо, тие десетмина на теренот херојски се бореа, но дојде таа фатална 87.минута и тој Флеминг Поулсен, кога со глава ни ја тресе нашата мрежа за 1:1.

Очај, резигнираност, проколнување на судбината…

Ете така почнавме со нашата фудбалска историја кога станува збор за квалификациските натпревари. Да кажеме дека во нашата група беа и Шпанија, Белгија, секако Данска, Кипар и Ерменија.

Потешка група здравје.

А на тие 25.000 среќници што беа тој 7 септември 1994 година на Градски, се уште им одзвонува во ушите оној ек по голот на Митко. 

Тоа не се заборава…

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата