x

OLD BUT GOLD (16.11.1994, Белгија – Македонија): Кога сите ние ги „накривувавме“ телевизорите за да има гол (ВИДЕО)

Таа вечер на 16 ноември 1994 во Брисел, стадион „Констант Ванден  Шток“, меч од квалификациите за ЕВРО 1996, одигравме 1:1 против силната селекцијата на Белгија. Фантастичен успех, во меч кој имаше своја предисторија. Делегатот од Грција не сакаше официјално македонско знаме на стадионот, па имаше она „играме – не играме“. Среќа се „спогодивме“ со ФИФА и УЕФА да се свири барем химната. Ова како додатно да ги налути „лавовите“ на селекторот Дончевски, кој имаше свое шоу покрај аут-линијата и постојано му довикуваше по руски на судијата Сергеј Хусаинов.

И на тој меч беше постигнат еден од најчудните голови во нашата историја. Претходно Верхаен во 30.минута успеа да им донесе водство на домашните, за да во 50.минута Чоко Бошковски израмни за конечните 1:1. Но како израмни?

Прво Станојковиќ од десната страна центрираше во казнетиот простор на Белгија. Тука славниот голман Мишел Прудом, за наша среќа, неспретно интервенираше, потоа топката го удри Чоко во ногата и таа почна да се тркала кон празниот гол. Таа секунда, или дел од секундата за нас како да траеше цела вечност. Сите дома ги „накривувавме“ своите телевизори за да има гол, се молевме на Господ. И гол сепак имаше, гол за 1:1, гол за фантастичен резултат. 

На нашата среќа и немаше крај, момците на Чичко Дончо ги отпоздравуваа нашите навивачи кои беа на трибините и ги имаше во голем број. За Македонија на тој меч настапија Целески, Станојковиќ, З. Јовановски, Најдоски, Јаневски, Марковски, Т. Мицевски, Б. Ѓуровски, Бошковски, М. Ѓуровски, Стојковски. Настапија и Канатларовски и Серафимовски.

Да кажеме и тоа дека најзаслужен за тоа реми беше нашиот голман Данчо Целески кој правеше чуда на својот гол, просто ги „излуде“ репрезентативците на Белгија со своите одбрани.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата