Вкупно 16.721 осигуреник досега ги искористиле електронските услуги во здравството.Како што соопшти Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), најкористена електронска услуга е онаа за заверка на ортопедски помагала. Ја искористиле 13.412 осигуреници кои поднеле документи преку матичните лекари и лекарите специјалисти по електронски пат.

 Поднесени се и 1.022 барања за БПО, 1.078 извештаи за спреченост при работа, како и 1.209 предлог-оцени на привремена спреченост за работа

– Придобивките од електронските услуги што ги воведе Фондот за здравствено осигурување се многубројни и за осигурениците и за фирмите и за здравствените работници, при што нема трошење време и финансиски средства за да се оди до подрачната служба на Фондот. Можноста за увид во сопствениот предмет, дали е позитивно или негативно решен и кога ќе биде извршена исплатата доколку се работи за рефундација на средства, е исто така една од многубројните придобивки од електронските услуги – наведува ФЗОМ.

Фондот  истовремено изготви и видео туторијали – краток водич за поедноставно и точно информирање околу потребните чекори за користење на електронската услуга. Објавени се на веб-страницата http://www.fzo.org.mk/default.asp?ItemID=03745AB41443004A8EAB9A0105914B95 или на линкот на Фондот на јутјуб https://www.youtube.com/channel/UCXc5Hr1czS6RKf8-4CDFRVA.

– ФЗО продолжува да работи на остварување на целта, е-Фонд, со цел осигурениците, овластените лица од компаниите, здравствените работници да добиваат ефикасна, навремена и професионална услуга кога им е потребна – стои во соопштението на ФЗОМ.