Младата Слободанка Павлова од Велес веќе шест месеци работи во хотел во Оман и вели дека условите за работа во оваа земја се одлични.

За својата работа раскажува дека не е стресна, туку е забавна, а Оман вели дека е убава земја и бидејќи има доволно време има и можност да ја истражува државата, да шета, да оди на плажа, да посети кино. Патот до вработување во Оман е реализиран преку странска агенција.

„Работата во Оман ми беше понудена од агенцијата King’s Camp од Англија. Преку нив заминав пред неколку години на брод, и сега ми ја понудија оваа работа на брод затоа што е слична со онаа што ја работев, анимација на деца и семејства кои доаѓаат на одмор. Во Оман работам во хотелот Shangri-La како аниматор, правам спортски игри, како на пример одбојка, олимписки игри во базен, олимписки игри на плажа, натпревари, квизови, фигури од балони. Тука сум 6 месеци и ќе се вратам во Македонија на кратко во април. Условите за работа се одлични, може да се работи по 9 часа на ден по закон, и морам да имам два слободни дена во неделата. Може да се заработи, зависи од тоа колку ќе троши човек”- раскажува Павлова.

Меѓу нејзините колеги нема Македонци, но има луѓе од Италија, Шри Ланка, Англија, Јужна Африка. Таа е задоволна од животот во оваа далечна земја.

„Цените во супермаркетите се како кај нас, а ако одите во ресторан или се возите со такси, тогаш е поскапо. Животот зависи од луѓето кои се околу тебе. Земјата е интересна, султанат е, а султанот е на власт 47 години. Откако дошол на власт се гради, а претходно немале ништо. Имаат нафта, и големи нафтени компании. Живеат традиционален живот, имаат големи семејства, а туристи има од секаде” – додава Павлова.

Таа претходно работела и како професор по англиски јазик, а познавањето на јазикот и отвори врата за работа надвор од земјата, стекнување на нови искуства, вештини, пријателства, но и да се прошета многу држави.

Павлова е една од многуте младите луѓе кои одлучиле да си ја пробаат среќата надвор од Македонија.

Инаку, Оман пред 4 години бараше лекари и медицински персонал од странски земји, при што се нудеа доста високи плати за ваквите кадри од неколку илјади евра. Оман важи за влијателна арапска земја, која претходните години можеше да се пофали со добар БДП по глава на жител.

извор faktor.mk