Од Министерството за здравство истакнуваат дека во изминатиот период направени се сериозни вложувања во човечкиот капитал. За период од две години, како што велат од Министерството, дадени се повеќе од 5000 согласности за вработувања во јавното здравство. За најмалку 10 проценти е зголемен капацитетот со човечки капитал во секоја јавно-здравствена установа.

„Направено е рекордно зголемување на платите. Основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40%, на медицинските сестри до 23%, на општите лекари 25% и 15% на останатите здравствени соработници, заклучно со февруари 2020 година. За 15% е зголемен капитациониот бод на матичните лекари од општа пракса, педијатрија, гинекологија и стоматологија, а на терциерно ниво се одобрија повеќе од 1000 специјализации и супспецијализации“, нагласуваат од Министерството.

Оттука велат дека за првпат, приватните специјализанти се платени за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар, а приватните специјализанти – доктори на медицина од конкурсот 2019 ќе бидат платени за својата работа од февруари 2020 година. Постигнат е договор и со кофинансираните специјализанти, со што се пристапува кон измена на Законот за здравствена заштита, согласно нивните барања.

 

извор: Makfax