logo
logo
logo

Распутин

Кој ќе го разбере него, ја разбрал Русија

Vecer | 27.01.2023

Кој ќе го разбере него, ја разбрал Русија

"Чувствивам дека нема жив да го дочекам јануари. Ако бидам убиен од обични завереници, некој од моите браќа селани, нема за што да се грижите и ќе владете уште сто години. Но, ако умрам од рака на некој од благородниците на царскиот двор, блиски до царското семејство, никој од вашите деца ниту роднини нема да живее подолго од две години. Ќе бидете убиени од страна на рускиот народ. Јас не се плашам бидејќи ја знам својата судбина, и не се гледам веќе себеси меѓу живите." (Григориј Распутин)

Неговото име е познато, тој е мит, но неговата мисија и магија - не. Малкумина имале моќ да предизвикаат промени со историски траги, а да не биле генијални научници, богаташи, војсководци или владетели. Григориј Јефимивич Распитин е еден од нив.

Да се рече: да, Распутин е женкар, неодговорен развратник и љубовник на кнегињи и дворски дами, е стереотип. Сознание без знаење. Не, тој не е руска верзија на Џакомо Казанова од Венеција, иако и Казанова е многу повеќе од љубимец на жените.

Распутин е дел од руската историја. Мистик, царски советник и волшебник.

Околу него се судирале племствата на рускиот двор, и се доведувала во прашање моќта на руската црква во државата, и меѓу народот. За едните бил божји пратеник, прв по Исус, за вторите измамник и пробисвет, ѓавол кој се појавил во Русија како казна заради немаралот меѓу руските владетели.

Според вториве, и неговото презиме Распутин го покажувало тоа, што на руски има значење како раскуќник, неморален и неодговорен човек. Токму поради таа симболика и озоборувањата, руската царица му го сменила презимето во друго, подостоинствено според нејзиниот германски благороднички вкус, го прекрстила во Григориј Јефимович.

Ако е само женкар и измамник - зошто станал мит. Измамници, особено на царските дворови имало многу но, ниту еден не станал легенда која трае повеќе од еден век. Сепак, по се изгледа, Распутин бил поинаков. Нешто многу повеќе од тоа. Уште со неговата прва појава во рускиот јавен живот бил заблежан како лик кој носи промени, ја вознемирува јавноста и има иницијатива врз настаните околу себе.

Рускиот монах Илирион го опишал во својата книга "Светиот ѓавол" како измамник кој има парапсихолошка моќ на делување и убедување, кој употребува хипноза при манипулација со луѓето, и дека таквите особини го одвеле до царскиот двор каде влијаел врз владеењето на цела Русија. Вакви констатции дал и учителот на царските деца, швајцарецот Пјер Жилиар, а му се придружила и сестрата на царот Николај Втори, кнегињата Елисавета Романова, како и кнегињата Олга Олденбург. Особено гневен во озборувањето на Распутин бил кнезот Феликс Јусупов, човекот кој ќе му стави крај.

Стереотипот за лошиот Распутин особено се шири по Октомврската револуција во 1917, и убиството на царското семејство Романови. Новите власти зборувале дека постоењето на Распутин и неговото влијание биле доказ за неспособноста на царската власт која не умеела да се заштити ни од измамници како Распутин за кој болшевиците сметале дека преку манипулации и сексуални врски со царицата, но и други моќни жени на дворот, успевал да влијае на севкупната царска политика во Русија.

Алексеј Толстој, внук на големиот Лав Толстој, по неговото враќање во Русија во 1923 година (тогаш веќе држава на Советскиот сојуз) напишал и драма под наслов "Завера на царицата", посветен на Распутин. Во драмата Толстој вели дека Распутин бил лошиот кој сакал да го искористи своето влијание за да организира државен преврат со кој би бил соборен рускиот цар Николај Втори, а власта на престолот би ја преземала неговата сопруга, царицата Александра. Оваа теза е постара од наведената драмска претстава, потекнува од завереничката група на спомнатиот кнез Феликс Јусупов.

Во делото нема ниту еден историски факт, ниту доказ за оваие тврдења. А. Толстој бил пропагандист на Сталин кој од него во 1941 година добил и награда за делата посветени на Петар Велики и царот Иван Грозни. Во таквата приказна недостасува основната нишка, фактот дека токму царот Николај Втори Романов можел на Распутин да му овозможи висока положба во општетсвото. Без Николај, ни Распутин не можел да биде тоа што бил.

А дека бил многу повеќе од љубовник на дворските дами покажува и објавената збирка на говори и изреки на Распутин под наслов "Побожни медитации", која е меѓу најчитаните во Русија, и често анализирана и цитирана во Европа последниве децении.

Од друга страна, за Распутин пишувала и неговата прва сојузничка, дворската дама Ана Вирубова, која го запознала со другите од царското племство, како и епископот Теофан кој најмногу му помогнал во неговото искачување до царските врвови. Во книгата "Распутин и жените" авторот Рене Милер ги препознава итрината, чудесната моќ на сугестија врз луѓето, развратот и сексуалноста која не се штедела но, и монашката мистика која Распутин ја носел во себе, како и невидената енергија која ја трошел за да биде постојано присутен и влијателен, вклучително и на дворот.

Во сегашната Русија, митот за Распутин добива нови димензии. Од приврзаниците на Руската црква тој е опишуван како инструмент на Масоните кои, преку неговата моќ, вршеле влијание врз руското царство, што е теза на Олег Палтонов и историчарот Козлов.

И за оние кои го оспоруваат, и за другите кои го обожуваат, Распутин е легенда, мистик, владетел од сенка и освојувач на човечките души. Разликата меѓу овие две страни е дали својата моќ ја употребувал за руските интереси, или само за лично задоволство.

Се чини најблиску до вистината за животот на Распутин е историчарот Едвард Радзински кој подолго од деценија истражувал архиви на царската полиција, изјави и документи на негови современици, податоци од истрага на руската државна комисија, како и на болшевичката тајна полиција, земјаќи ги во предвид и податоците од книгата "Житие на Свети Григорие", напишана од самиот Распутин, како негова автобиографија. Неговиот живот, особено на рускиот двор, е исполнет со пикантерии и тајни кои се привлечни за јавноста, но тој бил и дел од руската власт во важно време, времиња на војни и освојувања, руски порази и уривање на вековното руско царство.... настани кои го менувале светот. Неговата улога во тие настани е директна и влијателна.

Затоа, кој е Григориј Распутин.

Роден е во селото Покровскоје, во околината на Тјумен, прв руски град во Сибир основан уште од царот Фјодор Први. Според црковните книги датумот на неговото раѓање е 10. јануари 1869 година, во средина која била нагласено сурова и насилна, живот во кој тешко се опстанувало. Според интервју кое Распутин го дал за американскиот новинар М. Мењишков, а кое е објавено во Њу тајмс во 1912 година, самиот Распутин за себе вели дека во младоста бил повлечен, посветен на религијата и неразбран од околината поради што сонувал да отпатува и побара одговори на своите прашања на друго место.

Документите на тајната полиција и државната комисија од 1917 година, како и сведочењата на соселаните од Покровское зборуваат за Распутин како момче кое било прилично своеглаво, неодговорно и често пијано. Пиел многу, сведочеле тие, дури и со мерки за пијанство кои кај сибирските Руси се прилично толерантни и растегливи.

Но, и во тие документи, како и во раскажувањата на неговите современици Хвостов, Жуковскаја и Џанамунова забележително е дека уште како млад Григориј Јефимович Распутин имал невообичаено продорни и сугестивни очи, влијателен и силен поглед кој ретко кој можел да го издржи врз себе без да се сврти на друга страна, или да му се покори. Таа хипнотичка моќ, развратноста и пијанството биле причина што во неговото родно Покровскоје го нарекувале Лудиот Гришка.

Распутин бил женет со Параскева Фјодоровна, од блиското село Дубровноје. Живееле заедно со родителите на Распутин, Јефим и Ана, имале три ќерки и два сина и, според податоците на комисијата, во тоа време никој во нивниот дом не бил писмен. Но, исто така пишува и дека Распутин покажувал посветнеост кон побожноста.

Работел како кочијаш, и понекогаш го возел Мелетиј Зборовски, тогаш студент по богословија, а потоа епископ и ректор на богословијата во градот Томск. При тие средби Распутин покажал интерес за библиските теми за што разговарал со Зборовски, собирајќи од него сознанија за кои сметал дека се негово просветлување, и одбивал да ги слуша проповедите на локалниот селски свештеник, патувајќи повремено по околните манастири за таму да побара нови одговори за неговата религиозна посветеност.

Религијата во руските манастири, во тоа доба, била нагласено практикувана со толкувања на споредби и примери во секојдневниот живот, и се чини таа магичност и врска помеѓу божјите проповеди и рускиот селанец во него создала самоверување дека е пророк, човек кој може да се разбере и комуницира со Бог, и да ги осознава настаните и појавите околу себе на поинаков, божји начин кој ги надминува човечките разбирања.

Распутин верувал дека е пророк, божји гласник со посебна мисија.

Но, во неговото село немале разбирање за неговата мисија, се уште во него гледале пијаница, ситен арамија и неодговорен, развратен комшија. Затоа, заминал. Тргнал по околните манастири да служи на својата мисија, и да се среќава со други ходочасници, а најчесто престојувал во манастирот Свети Никола, во Веркотурје. Посветеноста кон религијата и аскетизмот на Распутин ги надминувале и искуствата на монасите. Бил гледан како чуден и настран човек за кого дел од монасите верувале дека е припадник на екстремната православна секта, во Русија наречена Хлиста.

Патувал, се среќавал со луѓе по околните села и проповедал во друштво на неколкумина кои тој ги претставувал како монаси и три жени, монахињи, од кои две биле негови роднини - Евдокија и Екатерина Печјаркина. Заедно со нив во групата биле неговите соселани од Покровское - Николај Распопов, Иља Аронов, како и неговиот роднина Николај Распутин.

Исклучитеноста на неговата појава и однесување кај некои поттикнале сомневања во неговиот здрав разум но, кај други предизвикало интерес кон неговата мистиката, особено кон неговите претскажувања за кои верувале дека во неколку случаи се покажале како издржани и вистинити. Гласот за чудниот и до изнемоштеност посветениот монах Распутин се ширел наоколу, и наскоро неговото име станало познато низ Русија.

Гласините за Распутин стасале и до учениот свештеник Теофан, во тоа време инспектор на теолошкиот факултет во Петерсбург (Петроград), престолнината на Русија. Распутин се соочил со голема опасност, со можност за осуда од црквата.

За да се разбре оваа опасност, треба да се знаат околностите во кои Распутин и неговите следбеници се појавиле, и каква пресуда им се заканувала. Во времето кога власта во Русија ја имал Петар Велики (1672-1725), тој се погрижил за ограничување и намалување на влијанието на дотогаш моќната Руска црква која често имала приговори на неговите реформски зафати. Петар Велики ги искористил веќе постојните црковни поделби на московскиот Патријарх Никон, кој во 1663. наметнал нови правила според старогрчката црква, и предизвикал поделби на старогрчки и словенски приврзаници на службата. Дел од монасите и свештениците кои не се согласувале со новата подредена положба кон Петар Велики се одделиле, биле потиснати на север во Сибир, и делувале како секта - приврзаници на Староверна црква, наречени секта Хлиста. Биле прогонувани и уништувани од царските власти, во соработка со службената Руска црква.

Во времето кога Григориј Распутин бил млад на чело на Руската црква бил големиот прокуратор Константин Победоносцев. Него на чело на црквата го поставил тогашниот цар Александар Трети, кој и самиот бил нагласено побожен владетел кој избрал лидер на црквата согласно своите потреби, а далеку од потребите на рускиот народ.

Во такви услови на отуѓеност од своите верници Руската црква се соочила со честа појава на секти кои имале подобри контакти и разбирање за секојдневните проблеми на руските селани, и со своите проповеди и дела привлекувале приврзаници околу себе. Опасноста дека групата на Григориј Распутин е една од тие секти била сериозна закана за него. Особено заради мистичноста со која движењето и делувањето биле покриени, и озборувањата дека групата практикува пагански магични ритуали и сексуални односи и оргии на кои учествувале и некои граѓани и благородници од Петерсбург (Петроград).

Во 1903 година црковниот суд, теолошкиот конзисториум на богословијата во Тобол, отворил истрага. Биле сослушани сите од групата, како и други кои биле присутни на собирите и учењата во мистичната подземна капела на Распутин во подрумите на манастирот во Покровско но, истражителот заклучил дека нема основ за обвинение.

Распутин, неговата група како и нивните проповеди биле прогласени за легални. Ова било силна потврда за светоста на Распутин која тој не ја ни очекувал. Записите од службените истраги заклучиле дека Распутин бил православен монах, следбеник на Руската црква, а озборувања врзани за Григориј Распутин и онака имало отсекогаш.

По ослободувањето од секакви сомненија добиено од теолошкиот конзисториум на богословијата во Тобол, Распутин бил воздигнат како испосник, монах и предводник. Бил Старек, термин кој во редот на руските монаси означува монашки лидер, Отец.

Легендата за старекот Григориј била подготвена за царскиот Петерсбург.

Годините минати во монаштво Распутин ги искористил да се описмени, да чита и пишува, да научи и усовршува комуникација со другите осознавајќи ја моќта на сопствената харизма и можноста преку збор и мистика да владее со вољата на другите. Умеел да препознава карактери, потреби на соговорниците и да наоѓа зборови и објаснувања кои за другите имале значења, а на него му давале доминација врз нив.

Но, и покрај тоа, не успевал да се ослободи од разузданоста на својот карактер: да биде агресивн и насилен, користољубив, да пие и создава конфликти околу себе, да има сексуални односи со свои следбеници што не одело заедно со неговата монашка посветеност и мистични толкувања но, за народот таквиот отец Распутин бил прифатлив како земско чудо и олицетворение на него самиот, на рускиот човек.

Распутин брзо ги разбрал придобивките од одлуката на теолошкиот суд, и во 1903 година пристигнал во царскиот двор. Во Петроград, званично, дошол за да собере пари за изградба на црква во неговото родно Покровско. Бил лик како излезен од руските бајки за монасите: висок, со длабок глас и бавен говор на разум и побожност. Облечен во црна монашка облека, со долга неуредна коса и брада... со митот за себе кој стасал во Петроград и пред тој лично да се појави.

Во Петроград заминал во манастирот Александар Невски, по што се упатил кај епископот Сергеј. Епископот по приемот го запознал со познатиот руски аскет и мистик Теофан. И, тогаш се случило првото чудо кое Петроград го доживел од Распутин.

Според документи на државната комисија од 1917 година која го истражувала работењето на Распутин, полтавскиот епископ Теофан сводечел дека Распутин во Петроград стасал од Казан, дошол по препорака на архимандрит Хризантос. Бил препорачан до петроградскиот црковен врв за да го запознаат, и да го искористат неговото влијание, углед и репутација кај руските селани, што би било добредојдено бидејќи селаните имаале чувство на отуѓеност на црквата од нив, и од привлекувањето на нивниот мистичен авторитет, на отецот Григориј, би имало голема полза за црквата.

Тоа било време непосредно пред Руско-Јапонската војна за превласт над Манџурија и Кореја. Кога таа почнала, во јануари 1904-та, наскоро по доаѓањето на Григориј Распутин, царскиот Петроград бил убеден во руската доминација и победа, до ниво на еуфорија.

Кога флотатата на генералот Рождественски триумфално испловила, упатувајќи се кон Јапонија, Теофан го прашал Распутин што гледа во иднината на војната и флотатата на генералот Рождественски. – "Во своето срце чувствувам дека овој воен поход ќе биде пропаст", одговорил Распутин. Неговото претскажување ќе биде потврдено.

Иако имала надмоќна армија и воени бродови, Русија во таа војна со Јапонија доживеала катастрофален пораз, завршно со поморската битка кај Цушима во мај 1905 година, во која била уништена целата Втора руска армија, пришто загинале повеќе од 5.000 руски морнари, а од јапонската страна имало само 116 жртви. Само три од ангажираните дваесеттина руски бродови се вратиле назад, во Владивосток.

Овој тежок пораз на руската армија и морнарица предизвикал силно разочарување и потреси во царска Русија, што на крај во 1905. довело до револуција.

Времињата станале неизвесни, несигурни и кревки за царското семејство и благородниците од царскиот двор. Авторитетот на царот Николај Втори Романов се уривал. Меѓу офицерите владеела депресија и поделба, а престижот на Русија како голема европска воена сила и моќ бил доведен во прашање.

Војната е скапа, а воениот пораз често е толку скап што може да ја подрие и скрши секоја држава, па и царска Русија. Следело осиромашување, депресија и социјални немири.

По серијата воени порази од Јапонија, уште во јануари 1905 година избиле првите немири и бунтови против царската власт, предводени од петроградските студенти и свештеникот Георгиј Гапон кои барале запирање на руско-јапонската војна, воведување општо право на глас и подобрување на работничките права. Се упатиле кон Зимскиот дворец, сакајќи да ја предадат својата петиција на царот Николај Втори. Демонстрантите носеле икони и слики на царот, со верување дека е тој на страна на народот, а дека за војната вина носат корумпираните офицери.

Но, царот Николај Втори избегал од Петроград во Царско село, во неговата летна резиденција, по што полицијата издала наредба да се пука врз демонстрантите. Акцијата завршила со 96 загинати и 330 ранети, според официјалните полициски извештаи. Но, вистината била дека таа недела, на 22 јануари 1905 година, загинале околу 1.000 луѓе. Како одговор се формира широк фронт од студенти, интелектуалци, уметници и работници. Движење против тогашната руска влада од гневни Руси, разочарани од неодлучноста и плашливоста на царот Николај Втори, во кого се помалку се верувало.

На 17 февруари извршен е атентат, при што е убиен гоемиот кнез Сергеј Александрович. Ден потоа царот Николај објавува указ со кој се осудуваат протестите, и се бара акција од војската и полицијата за задушување на демонстрациите. Овој указ ставил точка на угледот и авториттот на царот Николај Втори Романов во голем дел од јавноста, а создал незадоволство и кај дел од дворјаните, војската и чиновниците. Митот за татко на нацијата кој ќе ги смири двете спротиставени страни се топел.

Демонстрантите успеваат да го прошират своето влијание. Се случува побуна на дел од војската и познатите демонстрации на морнарите во Севастопол, Владивосток, Кронштат... нивните барања стануваат се пошироки, а побуната станува револуција предводена од болшевиците.

Во декември 1905 царот е принуден да даде отстапки. Се пишуваат нови закони со избирачки права, и нови права за работниците кои за прв пат во Европа добиваат свој синдикат. Следи влада која има поголема моќ во однос на дотогашните неограничени царски овластувања. Племството било во паника, а царот неможел да ги заштити од новите закони со кои дел од нивните големи поседи се одземаат, и се даваат на селаните.

Војската која, по загубената војна, се вратила од Манаџурија е гневна и дезориентирана. Силата на која царот сметал како на свој спас станува закана за него.

Во април, 1906, по изборите прогласено е народно собрание, прва царска Дума која управува со државата по поразот на царот Николај Втори Романов од сопствениот народ. Царот го сочувал престолот, но го загубул влијанието и авторитетот. Племството трпело штети од револуцијата во 1905, и вината ја гледало во неспособниот цар.

Во такви времиња мистиците, чудаците и волшебниците добиваат своја прилика.

Државната комисија формирана во 1917 година добила изјава од полковникот Димитриј Ломан, поранешен гардиски офицер кој блиско соработувал со Распутин, во која тој сведочи дека Григориј Распутин сам побарал прием кај царот Николај Втори Романов со објаснување дека има намера да му подари мошне света и моќна икона на светецот Симеон од Веркотуриј. Царот, побожен и депримиран од настаните во Русија го примил Распутин, за што сведочи и потврдува и неговото писмо до Столипин, тогашниот претседател на рускиот министерски совет.

- "На 16 октомври 1906 година го примив монахот, селанецот Григориј Распутин кој ми донесе подарок, икона од свети Симеон, пишува царот Николај Втори во писмото до Столипин. Царицата и јас бевме импресионирани од него, и наместо пет минути средбата траеше повеќе од еден час... пишувал царот Николај.

Средбите на Распутин со царското семејство продолжиле, особено со царицата Александра. Иако се криело, во Петроград се озборувало дека синот на царот Николај, принцот Алексеј, е болен од хемофилија, страда заради болките и стравот од повреди и рани кои му се закануваат со смрт бидејќи раните притоа не му зараснуваат. Распутин ја убедил царицата Александра дека тој може да му помогне на малиот принц Алексеј, роден во јули 1904 година, кој во тоа време имал три години.

Дворската дама Ана Вирубова сведочи дека Распутин, откако добил дозвола од царицата, влегол во собата на малиот принц Алексеј и со часови разговарал со него при што успеал да го смири, и да му донесе мирен сон. Оттогаш Распутин се почесто ги посетувал царските одаи и се среќавал со принцот Алексеј и неговата мајка која, по видената моќ на Распутин, немала никакво сомневање во неговата божествена дарба.

Неговите средби со царското семејство, одпрвин, биле во придружба на Теофан, ректор на теолошкиот факултет во Петроград (Петерсбург). Набргу, приказните за чудесна моќ на сибирскиот монах Григориј Распутин се ширела низ царскиот двор, племството и граѓаните кои на појавата гледале како на чудо, а на Распутин како на исцелувач чија моќ е натприродна и докажана на највиско место, во одаите на царското семејство.

Легендата за Распутин е родена. Тој го воочил тоа, и знаел што треба понатаму.

Во времето кога тој пристапува на царскиот двор во Русија се случуваат бунтови, немири и револуција. Појавата на човек од народот, на отецот Григориј Распутин, кај царот бил исклучок, бидејќи неговото опкружување се состоело од царската елита и аристократијата под удар на револуционерите, која од царот барала помош и излез за својата состојба.

Младиот принц Алексеј, единствен син на царот Николај и негов наследник боледувал од потежок облик на хемофилија, болест која била наследна и ја имале повеќе машки членови во семејството на царицата Александра Романова, по потекло Германка. Била ќерка на Лудвиг Четврти, великиот војвода од Хесе, а нејзина мајка била Алиса, англиска принцеза и ќерка на англиската кралица Викторија.

Нејзиното германско-англиско потекло не било омилено меѓу рускиот народ, и меѓу народот владеело примитивно убедување дека болеста на малиот принц Алексеј, традиционално присутна кај машката лоза на англиската кралица Викторија, е божја казна затоа што царот Николај се оженил со Германка, од нација со која Русија често имала војни.

Григориј Распутин бил итар и умен. На царот Николај му зборувал дека тој е омилен и почитуван меѓу рускиот народ, дека го сметаат за татко на нацијата и божји пратеник кој е единство со руската црква, а народот се противи само на алчните и арогантни властелини и министри, што на царот Николај Романов му годело и се обидувал преку отецот Григориј да покаже сопствена повразност со црквата и селаните. Во постреволуционерното време, кога работниците и дел од војската покажувале отворена нетрпеливост кон царот и дворот, Распутин бил прифатлива компензација за поддршка пред јавноста.

Освен ова, сведочењата на државната комисија добиени од десетина разни извори, велат дека Распутин навистина успевал да помогне во стабилизирање на состојбата и намалување на болките на малиот принц Алексеј кој, поради тоа, воспоставил блиски врски и комуникација со отецот Григориј. Дали тоа било хипноза, магија или некаков начин на убедување кон самолекување... не е најважно за приказната, важно е дека делувањето на Распутин имало видни ефекти врз царот, како и врз принцот Алексеј. Најсилна релација, во суштина, Распутин воспоставил токму со принцот Алексеј за кој средбите и помошта од отец Григорој биле спас од траумите, а за неговата мајка царицата Александра Распутин бил спасител на нејзиниот син.

Од друга страна, Распутин приватно водел живот кој ни најмалку не наликува на монах, црковен човек. Постојано бил гледан во кафеани од најнеугледните квартови во Петроград, во кои се нуделе проститутки, се случувале насилства и грабежи. Никој од присутните таму не гледал на Распутин како на отец Григориј, туку на селанец кој се преправа дека е монах додека ужива во развратот низ царската престолнина.

Меѓу племството, кое знаело за неговиот развратен живот низ градот, владеело убедување дека тој не е ништо поинаков и кога пристапува во царскиот двор. Дека ја користи блискоста со царицата за пари потребни за ноќните уживања. Дека има сексуални односи со дворските дами. И царската гувернанта Марија Вишњакова и се пожалила на царицата Александра дека е силувана од Распутин но, наместо поддршка добила отказ.

Распутин носел валкана облека, неуредна коса и брада и дворјаните, особено офицерите на дворот, одбегнувале контакти со него, како и секаква комуникација поради неговиот вулгарен настап и изглед. Овие причини, како и гласините дека има сексуални односи со дворските дами, нивни жени, девојки или роднини, Распутин го претвориле во непријател на дворјаните и офицерите кои имале врвен статус на дворот. Човек кој е натрапник на царскиот двор, насилник и измамник под заштита на царицата Александра. Дека близината до царот Николај тој ја користи за свое севкупно влијание врз него.

Феликс Јусупов, руски аристократ, наследник на најбогатото руско семејство во тоа време и зет за внука на царот Николај Втори бил еден од тие кои сметале дека влијанието на Распутин е опасност за руската држава. Јусупов бил школуван во Англија, на Оксфорд кадешто студирал убави уметности, пред да се врати во Русија во 1913 година.

Не ја криел својата хомосексуалност, иако бил женет и имал ќерка со царската внука Ирина Александровна. Често ги посетувал кафеаните од мрачните делови на петроградскиот ноќен живот и имал увид во однесувањето на Распутин надвор од царскиот двор. Освен ова, Јусупов имал и политички мотиви за својот гнев кон отец Григориј. Сметал дека Распутин, кој според него имал интимни врски со царицата Александра, ја поддржува пред царот Николај во нејзиното прогерманско политичко влијание за кое сметал дека е непожелно за Русија, убеден во пријателството со Англија.

Блискоста на Распутин со царот Николај одела на штета и на великодостојниците на руската црква кои, по своето значење и влијание кај царот, биле изедначени со отец Григориј. За Николај Втори Романов, духовните совети од монахот Распутин биле доволни, се помалку и време и потреба царот Николај покажувал за комуникација со рускиот црковен врв.

Со тој статус, Распутин создал непријатели секаде околу себе: меѓе министрите, аристократите, дворјаните, офицерите и, на крај, во врвот на руската црква. Но, верувал дека неговата моќ, и потребата од него кај царското семејство е посилна од тие закани. Но, кога царот станувал колеблив под удар на гласините, Распутин му зборувал: - "Само ако верувате во мене, вербата му помага на Алексеј а вие, секако, не би сакале заради озборувањата таа верба да исчезне, и Алексеј да страда".

Годините минувале, статусот на Распутин како моќен дел од царското семејство Романови не се менувал. Се случувала силна борба за влијание врз царот Николај меѓу офицерите и аристократите од една, и Распутин од другата страна. Русија пропаѓала се подлабоко по загубените војни и револуцијата од 1905 година. За своите неуспеси руската влада и офицерите го обвинувале царот, а по него и отецот Григориј, и неговото влијание врз Романови.

Веќе од 1913 година, по големите балкански војни, и најавата за распад на големата Отоманска империја, офицерскиот кор и дворската аристократија го советувале царот Николај да се подготви за преземање руски дел од Отоманското царство и влијнаие. Прв противник на тие воени планови за ширење на Русија биле Австроунгарија и Германија. Земјата од која потекнува царицата Александра, сомнителна за воениот кор исто колку и отецот Григориј Распутин кој го советувал царот Николај Втори да не влегува во војна со Германија, и да не им верува на неговите генерали и офицери кои тврделе дека Русија лесно ќе биде воен победник.

- "Само доколку воениот поход го предводиш лично, говорел отец Григориј, таа војна може да заврши успешно, во спротивно неспособноста и предавствата на твоите генерали ќе те однесат во пораз, а руското царство ќе исчезне!" Претскажувал Распутин. Овие негови зборови биле кажани во присуство на воениот врв. Гневот и омразата кон Распутин можеле само да се замислат. Особено кај помладите офицери со амбиции.

Феликс Јусупов од Англија се вратил во Русија непосредно пред големата Прва светска војна. Се венчал со Ирина Александровна, внуката на царот Николај, на 22 февруари 1914 година. По избивањето на војната во јули 1914 година Русија објавила мобилизација, и аристократот Јусупов станал офицер во руската царска војска.

Јусупов имал средба со Распутин претходно, во 1909 година, при негова посета на царот Николај Втори кога во царската одаја го видел отец Григориј, и изразил отворено грозење кон неговата појава и вулгарност. Одбивноста била обострана, бидејќи Распутин изразил презир и недоверба кон тој пребогат, арогантен млад човек кој порачува мебел и облека од италијанските мајстори, имал сопствен луксузен вагон со кој патува низ Русија и Европа, се облекувал во женско и таков се појавувал на концерти во Париз и Лондон.

Тоа било вистина. При една посета на Париз Феликс Јусупов се облекол во скапите фустани на неговата мајка и го позајмил нејзиниот накит, па таков влегол во операта и вечерта се случил инцидент бидејќи појавата на младата елегантна дама му се допаднала на англискиот крал Едвард Седми кој порачал да ја доведат дамата во неговите одаи.

Да, уште од првата средба Распутин и Феликс Јусупов доживеале исконска омраза еден кон друг.

Војната, Првата светска војна во која Русија влегла против Автсроунгарија и Германија, не тргнала добро. Офицерите не признавале дека поразите се нивна одговорност, туку дека е тоа неспособност на царскиот двор кој е под влијание на Германка, царицата Александра Романова и нејзиниот љубовник, измамникот Распутин.

Дел од младите офицери, аристократи, донеле одлука да стават крај на тоа. Испланирале убиство на отец Григориј Распутин кое, според нив, значело спас за Русија и ослободување на царот Николај Втори од неговото поразително влијание. Офицерите, меѓу кои и Јусупов, рашириле гласини дека Распутин планира преврат со кој ќе биде соборен царот Николај, а владетел ќе биде царицата Александра Романовна која ќе склучи мир со нејзината Германија, и Русија ќе се прифати нивни поразителни услови.

Според царскиот дневник и сведоците од државната комисија од 1917 година, во октомври 1916 година отец Григориј бил на посета во одаите на царицата Александра. По завршувањето на сеансата со лекување на принцот Алексеј, тој излегол и паднал пред нејзините колена. Ја гледал во очи, и изговорил:

- "Чувствивам дека нема жив да го дочекам јануари. Ако бидам убиен од обични завереници, некој од моите браќа селани, нема за што да се грижите и ќе владете уште сто години. Но, ако умрам од рака на некој од благородниците на царскиот двор, блиски до царското семејство, никој од вашите деца ниту роднини нема да живее подолго од две години. Ќе бидете убиени од страна на рускиот народ. Јас не се плашам бидејќи ја знам својата судбина, и не се гледам веќе себеси меѓу живите.

Тоа е последното претскажување на Распутин.

Феликс Јусупов ја земал задачата да го изврши убиството на Распутин. Измислил болки во колковите и колената, и побарал помош од Распутин кој за таа цел доаѓал во неговата палата во Петроград.

Знаејќи за навиките на Распутин дека е склон кон пиење и разврат, една вечер Феликс Јусупов најавил дека организира забава. Забавата се планирала вечерта на 29 декември 1916 година, во сутеренот на неговата куќа. На масата биле послужени вино, чај, колачи и кекси во кои се наоѓал отров, цијанид, кои биле познати за другите неколкумина негови гости, а наменети само за Распутин.

Кога Распутин влегол во сутеренот се уште биле сами со Феликс Јусупов, очекувајќи ги другите гости и музиката. Разговарале. Јусупов му понудил да го напушти Петроград и царското семејство, барем додека војната не заврши, за да може царот своето време и енергија да ги посвети во целост на воените потреби и задачи, без неговото влијание.

Распутин не му одговорил ништо, туку продолжил да пие од виното со силниот отров, патем пожалувајќи се дека нешто го грбе во грлото. Времето минувало, но отровот не делувал. Јусупов станал нервозен, го прекинал разговорот и се качил во горните соби на куќата каде го чекале неговите соработници Димитриј Павлович и Владимир Пуришкевич. Го земал револверот, се спуштил во сутеренот и му наредил на Распутин да клекне на колена и да се помоли, бидејќи ќе биде убиен заради спас на Русија и честа на Романови.

Пукал од близина еднаш во неговата глава, и два пати во градите. По кусо време констатирале дека отец Григориј Распутин е мртов и, кога тргнале да го изнесат надвор Распутин се кренал и го грабнал Феликс Јусупов за врат, да го дави. Двајцата соработници ги разделиле, а Распутин ползејќи излегувал кон дворот кога притрчале и испукале уште четири куршуми во неговото тело. Го земале телото, го завиткале во војничко ќебе, и го го фрлиле во реката Нева која, во тоа декемвриско време, била замрзната.

Сопругата на Феликс Јусупов, Ирина, која таа ноќ се наоѓала во нивната вила во Ракитин тврдела дека околу полноќ имала кошмари во сонот, се разбудила и пред куќата го здогледала Григориј Распутин.

Два дена потоа во Петроград се зборувало дека отец Григориј изсчезнал. Царот Николај наредил пребарување, и третиот ден го нашле трупот на Распутин во реката. Рацете му биле кренати угоре, а аутопсијата покажала дека умрел од премрзнување. Кога го фрлиле во реката се уште бил жив.

Што се случило потоа.

Феликс Јусупов го признал делото но, како член на царското семејство не бил осуден на затвор или смрт, туку протеран од Петроград. Кога во 1917 година избила Октомвриската револуција Феликс Јусупов избегал преку Крим со британскиот брод Марлборо, упатувајќи се на Малта, а потоа во Италија, за најпосле трајно да се пресели во Париз, каде живеел од семејното богатство се до септември 1967 година. Објавил две книги, "Некогашниот сјај" и "Крајот на Распутин". Барал во себе одговор: дали убил демон или божји пратеник.

Николај Втори Романов и неговото царско семејство се убиени од болшевиците на 17 јули 1918 година, под команда на Јаков Јуровски со стрелање во близина на Екатеринбург. Русија исчезнала, а царското име Романови заедно со неа.

Претскажувањето на Распутин се остварило до последната буква.

Историјата никогаш не потврдила дали Распутин е демон или божји пратеник, како што и неговиот убиец Феликс Јусупов го барал одговорот до крајот на својот живот.

Јусупов не ја разбрал мисијата на Распутин, како што не ја разбрал ни Русија.

Но, останува прашањето, дали судбината на Русија, Романови и светот ќе беа поинакви ако отец Григориј Распутин не беше убиен таа декемвриска ноќ. Без оглед дали еден ден дилемата на Феликс Јусупов ќе најде одговор: демон или божји пратеник.

(Д.П. Латас)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk