x

Koга Гатузо и Гаскоњ играа за ист тим: „Тој лудак, ми се посра во чорапата“

Двајца „лудаци“ во ист тим, е тоа било забавно. Џенаро Гатузо и Пол Гаскоњ важеа за фудбалери со „краток фитиљ“ кои лесно избувнуваа и често беа во центарот на секоја кавга. Гатузо е запамнет како борец, класичен питбул на теренот, а сега е тренер на Наполи, додека Гаскоњ важеше за одличен играч, но со нескротлив темперамент, а денеска се лекува од алкохол.

Инаку Гатузо и Гаскоњ кратко настапуваа за ист тим – Глазгов Ренџерс. Тогашниот менаџер на шкотскиот клуб Валтер Смит во 1997 година бил на шопинг во Италија, а меѓу играчите кои ги донел бил тогаш, 19-годишниот Гатузо кого го приметил на еден младински турнир.

Токму Гатузо раскажа анегдоти поврзани со Ренџерс и со својот соиграч Гаскоњ.

Го обожавам британскиот фудбал. Се трчи максимални 90 минути и има многу жестоки дуели. Ако тоа го направиш во Италија, фудбалерот веднаш му се жали на судијата. Шкотланѓаните тоа не го прават“, изјави Рино.

Италијанецот ја раскажа најлудата анегдота поврзана со него и популарниот Газа.

Во првиот ден во Глазгов, Гаскоњ ми се посра во чорапата додека се туширав“, откри Гатузо кој исто така посочи дека Англичанецот имал и големо срце.

Постоеше правило во Ренџерс, уште од педесеттите години, по кое играчите доаѓаа на тренинзи во одела. Тоа не беше мој стил, па Гаскоњ ме однесе во еден од најскапите кројачи во градот. Ми рече дека клубот има договор со кројачот и можам да земам што ќе посакам. Сметката беше 10.000 фунти. Излезе дека клубот немал договор со кројачот, а Гаскоњ ми намигна и ја плати сметката“, раскажа Гатузо за магазинот „Фор фор ту“ (4-4-2).

А неговиот поранешен соиграч од Ренџерс Али Мек Кост раскажа уште една интересна случка.

Имавме тренинг пред Олд Фирм дербито, а Гатузо играше како териер. Тренерот му рече на Гаскоњ да му пренесе на Гатузо малку да се смири. А Гаскоњ му го кажа спротивното, да оди уште пожестоко. Две минути подоцна, Рино со копачки ме удри во градите. Имав белег од крампоните“, се присети Мек Кост.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата