Пехчевското село Умлена ќе добие плоштад и современа инфраструктура што ќе придонесе и за збогатување на социјалниот живот во селото. Во тек е тендерската постапка за избор на изведувач на градежните работи кои треба да завршат најдоцна до ноември 2016 година. Изградбата ќе се врши со средства од Бирото за регионален развој.

– Општина Пехчево за да ја подобри состојбата на централниот дел во селото аплицираше и доби финансиски средства од Бирото за регионален развој на Република Македонија преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2016 година, за финансирање проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби. Средствата се во вредност од 1,16 милиони денари, а финансиското учество на општината е од 270 илјади денари. Со овие финансиски средства комплетно ќе се уреди плоштадот во селото Умлена, изјави градоначалникот на Пехчево Игор Поповски.

Селото Умлена има 390 жители и тие претежно се занимаваат со земјоделска дејнот.

– Сакаме да придонесеме во подобрување на квалитетот на животот во селото и со вакви и слични проекти ќе дадеме придонес за намалување на иселувањето и останување на младите во него, рече Поповски.

Пехчево во моментов работи на 12 проекти во вредност од 50 милиони денари. Дел од овие проекти се во завршна фаза, а наскоро се очекува свечено пуштање на туристичкиот локалитет Езерце во Пехчево.