Во моментот кога јавноста очекува функционирање на правната држава и владеење на правото, од оние искри надеж што некогаш ги даде Специјалното јавно обвинителство, денес ова обвинителство станува предмет на протагонистите на т.н. “бомби”, соопшти Алијанса за Албанците.

„Тајните преговори помеѓу премиерот Заев и лидерот на ВМРО, Христијан Мицовски за судбината на СЈО, со исклучок на албанската опозиција за создавање на широк политички консензус, укажуваат дека Северна Македонија продолжува да промовира етноцентричен и исклучувачки дискурс“ велат од партијата.

Според нив, вклучувањето на ДУИ во овој процес преку функционери кои беа дел од “бомбите” и се главни актери кои го дегенерираа правниот систем со крајна политизација и партизација, како што е случајот со Блерим Беџети, кој ќе ја претставува ДУИ во работните групи за изготвување на предлог-законот за СЈО, претставува преседан.

„Се поставува прашањето каков легитимитет има ДУИ кој преку Блерим Беџети, кој заедно со Муса Џафери, ги извршуваа наредбите на Сашо Мијалков за назначување обвинители и високи републички судии. Дали можеби сега преку законска рамка ќе го направат СЈО специјален партиски суд кој ќе ги амнестира обвинетите и осомничените од ДУИ и ВМРО, кои се дел од предметите на СЈО?“ прашуваат од партијата.

Оттаму го повикуваат премиерот Заев да престане, како што велат, да се поигрува со правдата, особено со Специјалното јавно обвинителство.

„Го повикуваме премиерот Заев, под итно да воспостави широк политички консензус за да создаде политички амбиент за обезбедување перспектива и целосна независност на Специјалното јавно обвинителство, а потоа да се создадат непартиски експертски групи кои ќе изготват предлог-закон во корелација со идејата за основање на СЈО како независен орган кој ќе се справи со кривично гонење на функционери осомничени за криминал и корупција, а кои беа дел од прислушуваните разговори“ додаваат од „Алијанса за Албанците“.

извор: Makfax