“Вечер„ овој пат ја израдува пензионерката Љубинка Иванова, која живее на булеварот Партизански одреди во Скопје. Верната читателка од Карпош поради здравствени проблеми не дојде во нашата редакција за да си ја подигне добивката, но затоа во нејзино име не посетија сестрата Василка и внуката Александра заедно со своето домашно милениче, куче од расата пекинезер. Седумдесетиедно годишната Љубинка е редовен претплатник на првиот и единствен семеен дневен весник “Вечер„ и секогаш го чита со задоволство. Работела како прва секретарка на “Фармакологија„, а нејзиниот работен ден бил исполнет со нашиот весник, кој има традиција долга повеќе од 40 години. Досега учествувала во сите наградни игри на “Вечер„ и добила многу награди, меѓу кои и сеф. Покрај сефот била извлечена и како добитник на баскет, маичка со логото на “Вечер„ и други ситни добивки, кои секако и причинувале големо задоволство. Таа редовно ги собира купоните, а на нашата адреса ги испраќа нејзината внука Александра, која се грижи за неа. “Сигурно дека парите ќе бидат искористени за здрава храна и витамини. Таа е во години кога најважно е здравјето. Парите ќе и помогнат да има поубави пензионерски денови„ – ни рече Александра, која е убедена дека нејзината тетка и понатаму ќе продолжи да учествува во наградната акција, со која “Вечер„ им се заблагодарува на своите читатели за нивната 40-годишна верност.