Грипот ја зеде и петтата жртва. Во градската болница “8 Септември” синоќа починала 50-годишна жена. Анализите во Институтот за јавно здравје покажале присуство на вирусот АХ1Н1. Пациентката била хоспитализирана во многу тешка здравствена состојба. Но за разлика од претходните 4 смртни случаи, немала претходни хронични заболувања. Здравствена комисија треба да провери дали навреме почнала да го добива лекот “тамифлу”. Во земјата има 10 800 регистрирани случаи со симптоми на грип. Само последната недела биле пријавени над 2600.
Забележано е зголемување на бројот кај школската популација. Од 4 до 15 години има 2000 случаи и голем е бројот и кај популацијата од 15 до 64. Се покажува дека оваа сезона ќе трае и зголемувањето на бројот на заболени ќе продолжи и во наредните неколку недели, изјави Благоја Алексовски од Институт за јавно здравје.

За една недела биле направени 24 анализи во лабораторијата на Институтот за јавно здравје.
Повторно доминира инфлуенца А, сезонскиот тип А (H1N1). Во текот на целиот период од појавата на грипот во текот на целата сезона имаме вкупно 159 примероци, од кои 91 се инфлуенца А (од кои 63 H1N1, а 12 H3N2) и 11 се инфлуенца Б. Педесет и седум примероци се негативни, изјави Голубинка Бошевска од Институт за јавно здравје

Епидемиолози од Институтот за јавно здравје предупредуваат дека е голема бројката од 5 смртни случаи на 10 000 заболени. Но засега нема анализи дали починатите пациенти добиле соодветен лекарски третман пред да завршат на Инфективна.

Сања Димитровска