Околку 400 вработени од ЕСМ-Дистрибуција, кои се пред пензија сакаат доброволно да си заминат од работа, за што компанијата ќе им исплати солидни испратнини. Тоа се околу 11 проценти од вработените кои до завршувањето на крајниот рок за аплицирање, 31 мај, поднеле барање за доброволно заминување од компанијата. Менаџерскиот тим на ЕСМ-Дистрибуција во следниот период ќе ги разгледува апликациите поединечно и ќе утврди дали некој од вработените ќе мора да остане извесен период на работа до завршување на одреден проект.

Во моментот, во ЕСМ се прави и нова систематизација со која треба да се утврди кои кадри и се потребни на компанијата, по што и официјално ќе бидат објавени резултатите. Без оглед на поднесените апликации досега, сите вработени и понатаму се во редовен работен однос се додека не се потпише спогодбата за заминување од работа.

– Понудата за доброволно заминување е атрактивна за вработените кои имаат уште неколку години до пензија. Секој што ќе замине од компанијата ќе добие испратнина, според годините работен стаж помножени со една и пол плата, која е земена како просек во последните шест месеци – велат од ЕСМ-Дистрибуција.

Оваа програма пред да биде понудена беше усогласена и поддржана од Синдикатот на комапнијата. Независно од доброволната програма, ЕСМ-Дистрибуција, согласно купопродажниот договор, има право да отпушти пет проценти во втората година по приватизацијата и уште толку во третата година, до кога трае колективниот договор со вработените.

Од Синдикатот на ЕСМ-Дистрибуција коментираат дека засега нема никакви најави за намалување на вишок вработени, но и кога би имало сигурно би било во координација со нив.

Во ЕСМ-Дистрибуција работат околу 3500 вработени и пред приватизацијата важеше за една од државните компании каде пред избори се згрижуваа партиски кадри. Сега, новиот менаџмент на компанијата настојува во неа да ги задржи стручните и млади кадри
Од ЕСМ-Дистрибуција велат дека ЕВН вишокот на вработени ги решава само преку социјално подносливи решенија кои ќе бидат во корист на вработените.

Радмила Ј. НИКОЛОВСКА