15 години јубилеј
Руската компанија “Лукоил” прославува 15 години јубилеј. За таа цел, вчера и денеска во Москва се одржува меѓународен форум на кој ќе биде презентирана “Лукоил” како најголемата светска компанија за експлоатација, преработка и транспорт на нафта и на нафтени деривати. На форумот, на кој ќе присуствуваат голем број на светски компании, ќе учествува и рускиот претседател Владимир Путин.
Главна тема на форумот ќе бидат проблемите со транзитниот транспорт на енергенси, како и влегувањето на Русија во Светската трговска организација (СТО). За претседателот на “Лукоил”, Вагит Алекпетров значаен момент ќе биде и темата за антимонополската политика и улога на Русија во рамките на енергетскиот дијалог со ЕУ, САД и со ОПЕК (Организација на производителите на нафта).
Во следните десет години “Лукоил” планира вкупните инвестиции за геолошките истражувања и за експлоатацијата на нафта да ги зголеми до 78 милијарди долари. Во 2016 година, “Лукоил” ќе произведува 4 милиони барели нафта дневно, односно 200 милиони тони годишно.
“Лукоил” со годишен обрт од 30 милијарди долари, во моментов поседува 1,3 проценти од светските резерви на нафта и 2,1 процент од вкупното светско производство на нафта. Акциите на оваа компанија според обемот на тргување се на прво место на Лондонската берза. (В.Ма.)