Возот со околу 150 мигранти што словенечките власти претходниот ден го запреа во Добова, на границата со Хрватска, сепак, тргна кон западниот дел на Словенија.

Иако ги немаат потребните документи за влез во оваа држава бегалците ќе бидат сместени во центарот за странци во Постојна, јави Танјуг.

Ова е првата група бегалци која влегува во Словенија откако нивниот прилив од Србија беше запрен заради затворањето на унгарската граница, по што тие се обидуваат преку Хрватска и Словенија да стигнат до земјите од западна и северна Европа, пренесе Хрватската радиотелевизија.

Покрај ова, 24 странци уште три пати се обидоа да влезат во Словенија, на граничниот премин Обрежје, и сите беа вратени.

Словенечкиот премиер Миро Церар наведе дека изјавите за коридори за бегалци „се некоректни и опасни” и дека Словенија и Хрватска не ја разгкледале таквата можност.

-Немаше такви договори и не може ни да ги има. Словенија на границата со Хрватска има шенгенски режим. Тука важат одредени правила и низ шенгенската граница не смееме да пуштаме луѓе кои не ги исполнуваат условите за влез во ЕУ, тоа Хрватска добро го знае, објасни Церар за словеначката телевизија.

Унгарското Министерство за надворешни работи објави дека шефовите на дипломатиите на Унгарија и Словенија, Петер Сијарто и Карл Ерјавец, во телефонски разговор изразиле загриженост заради тоа што Хрватска дозволува минување на мигрантите кон овие две држави, место да ги згрижи.