Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, изјави дека координираното протерување руски дипломати покажува дека користењето нервен агенс над поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Британија довело до врвот на меѓународната фрустрација поради однесувањето на Москва.

Џонсон во интервју за Би-би-си изјавил дека Британија и нејзините сојузници немаат никаков судир со рускиот народ, туку само со администрацијата на претседателот Владимир Путин.

Според шефот на британската дипломатија, за многу влади тоа што се случило во Салсбери на некој начин ги појаснило нивните лични фрустрации, лични разочарувања во начинот на кој Русија се однесува.

Тој го отфрлил предлогот дека тие мерки би можеле да доведат до нова Студена војна со Москва и објаснил дека многу е важно да се нагласи дека судирот не е со Русите, ниту со руската култура, цивилизација, туку исклучиво со Кремељ и моменталната администрација.

Вчера 15 земји на ЕУ заедно со САД, Австралија, Канада, Украина и Албанија одлучија да протераат руски дипломати во знак на солидарност со Велика Британија во случајот со труење на поранешниот руски шпион Скрипал и неговата ќерка Јулија.

извор: Makfax