“Џонсон Контролс” во Бунарџик ќе гради фабрика
Претставници на американскиот гигант “Џонсон контролс” денеска доаѓаат во земјава да ги утврдат со Владата деталите околу нивната инвестиција во слободната економска зона “Бунарџик”. Владата вчера формираше работна група за спроведување на инвестицијата. Бордот на директори на оваа компанија уште на 21 април донел одлука да инвестира во Македонија. Со тоа, од игра отпадна Полска, која до последен момент беше во потесниот избор на “Џонсон контролс” за изградба на софистицирана фабрика за производство на внатрешна електронска опрема за автомобили.
Според министерот за економија, Фатмир Бесими, Владата и “Џонсон контролс” треба да го финализираат текстот на меморандумот за инвестирање. Потоа документот треба да биде одобрен на седницата на бордот на директори на 22 мај.
Според досегашните најави, проектот на “Џонсон контролс” во Македонија ќе стартува во септември годинава. Предвидено е да се одвива во три фази и да заврши во 2010 година. Во фабриката треба да се вработат околу 500 луѓе. – “Џонсон контролс” е познат бренд, кој ќе донесе многу други инвестиции во земјава, особено во “Бунарџик”. Со нивниот влез само се потврдува дека Македонија станува атрактивна бизнис- дестинација, со оглед на тоа што бевме во потесниот избор заедно со Полска, која е дел од Европската Унија, истакна министерот Бесими.
“Џонсон контролс” бара 6.000 квадратни метри во “Бунарџик” под долгорочен закуп за изградба на фабрика. Министерот Бесими тврди дека за изградба на инфраструктура ќе бидат потребни шест милиони евра. Меѓутоа, Дирекцијата за слободни економски зони неодамна достави барање до Владата да одобри 10 милиони евра за изградба на пристапните патеки, да спроведе струја, вода и канализација. Инаку, во “Бунарџик” има само една трафостаница која пред неколку години беше поставена за потребите на неколку хали, што ги изградија Тајванците. Дирекцијата овие пари ги побара да и се одобрат од средствата од продажбата на Светскиот бизнис центар и од ЕСМ-Дистрибуција.
“Џонсон контролс” е водечки светски производител на седишта, акумулатори и други делови за внатрешно опремување на автомобилите. Нејзини партнери се автомобилските гиганти Џенерал Моторс, Дајмлер-Крајслер, Фиат, Форд, Хонда, Мазда, Рено, Пежо, Фолксваген, Тојота и други.
Компанијата има 123 илјади вработени, 275 претставништва и фабрики низ целиот свет и годишен обрт во 2004 година, од 26,6 милијарди долари.
Светлана БЛАЖЕВСКА