Основен принцип на боречката вештина, Џит Кун До, е постојано учење и усовршување на постоечкото и новостекнатото знаење, отфлување на некорисното и задржување на најдоброто и најкорисното за лицето што се занимава со оваа древна вештина.
Најголем мајстор на сите боречки вештини и човек кој го посветил целиот свој живот на овој древен спорт е мегапопуларниот Брус Ли. Со самата појава, Брус Ли беше инспирација за многу луѓе во светот, а благодарение на оваа вештина, големиот мајстор во текот на својот живот успеал да стекне невидена слава и популарност.

КАКО СЕ УЧИ
Оваа древна вештина, големиот мајстор Брус Ли, ја создаде со проучување на сите боречки вештини и со користење на западниот бокс.
За да се изучи Џит Кун До, ученикот најпрвин мора да ги совлада сите основни техники на оваа вештина. Во понатамошниот степен на изучување, истото лице мора да се соочи со полагање на одредени курсеви што се задложително пропишани. Со полагање на овие повисоки степени, секој љубител на оваа древна вештина доживува подобрување на стекнатите техники и на претходно стекнатите знаења.
Кога ќе се достигне максимумот, мајсторот може слободно да формира свој стил на одбрана и напад. Стилот во иднина ќе прерасне во заштитен знак на мајсторот.

ПРИЛАГОДУВАЊЕ НА ПРОТИВНИКОТ
Џит Кун До, претставува таква вештина во која мораме да се прилагодиме на противникот бидејќи претставува таков вид на борба во која победата најмногу зависи од квалитетите на непријателот.
Често пати, Џит Кун До, се дефинира како улична борба во која нема правила. Главна цел на секој борец е да извојува победа со најмалку потрошена енергија, а во текот на борбата секој дел од човековото тело е потенцијално оружје против непријателот.
Во фокусот на оваа вештина е нападот на најосетливите места од телото, како што се очите, гениталиите и вратот. Кога станува збор за оружјето, борецот најчесто ги користи тупаниците, но честопати во борбата се користат и лактите, колената, стапалата и главата.
Еден од најбитните фактори за да се успее во оваа вештина е човековата личност. Со овој древен спорт може да се занимава оној што е подготвен целиот свој живот да го посвети на изучување на сите техники на Џит Кун До, а потоа своите квалитети несебично да ги пренесува на своите следбеници.
Освен за самоодбрана и напад, Џит Кун До, е многу корисен и во поглед на физичката кондиција, здравствената состојба и подигнување на сомодовербата.

Дани Иносанти
Најдалеку од сите мајстори на оваа древна вештина стигнал ученикот на легендарниот Брус Ли, Дани Иносанти. По смрта на Брус Ли, тој продолжил да ја развива оваа вештина. Во текот на својот живот, се стекнал со огромна слава и почит, но не поради својот учител, туку благодарение на своите квалитети кои несебично и ден-денеска им ги пренесува на своите следбеници низ светот. Дани Иносанти денес има повеќе од 50-години.

Пол Вунак
Пол Вунак е ученик на Дани Иносанти. Моментално е најголем активен мајстор во светот. Поради неможноста да стигне во сите делови од светот, тој земјата ја поделил на четири сектора во кои ќе има по еден негов следбеник-ученик. Претставник на Џит Куд До во Европа е најдобриот ученик на Вунак, Салваторе Олива.

Салваторе Олива
Во Македонија првпат беше одржан еден семинар од областа на Џит Кун До. На еднодневниот семинар со своето присуство нў почести еден од најголемите активни мајстори на Џит Кун До стилот на борба, Салваторе Олива. Големиот мајстор неколку пати повтори дека оваа вештина бара максимално посветување, тренинг и ментално размислување. Исто така, Олива, потврди дека во текот на денот неколку часа медитира. Во текот на медитацијата тој ја замислувал борбата, ги замислувал сите противници, и ги замислувал евентуалните напади и одбрани на противникот. При крајот на медитацијата тој ја одбирал најдобрата техника за да ја надгради својата вештина, а со тоа и да оствари победа во најбрз временски рок.

Клубови во Македонија
Во нашата земја постојат два клуба кои активно се занимаваат со Џит Ку До стилот. Ивица Алексовски кој е претставник на познатиот мајстор Роберт Пармаковски, раководи со клубот Шаолин, а со вториот клуб, Струмица, раководи Зоран Спасов кој е претставник на Салваторе Олива.