Престрелките на релација Фондот за магистрални и регионални патишта-ЈП”Македонија пат” кулминираат. Директорот на Фондот, Љуљзим Џемаили на првиот човек на “Македонија пат”, Дуфе Кукоски на завчерашниот состанок. Притоа тој му дал ултиматум да заврши шест работи во рок од десет дена за да не му воведе блокада на средствата што Фондот ги префрла на “Македонија пат” за одржување на патиштата во земјава.
Фондот бара од “Македонија пат” веднаш да ги затвори сите пристапни патишта што гравитираат кон автопатите, со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот. Тој му забележува на “Македонија пат” дека не ги обновува мрежите на безбедносните огради покрај автопатите, хортикултурно не ги одржува косините и средниот појас, не ги крпи ударните дупки на патиштата според бараните стандарди и не поставува хоризонтална и вертикална сигнализација како што се предвидува со годишните планови.
Сепак, во заднината на сите “хортикултурни” забелешки стои работењето на наплатните станици што му се доверени на “Македонија пат”. Таму, наводно, се утврдени неправилности токму во наплатата на патарините, на што веќе подолго време укажувале домашните и странски патници кои ги користеле македонските автопатишта.
“Ќе бараме наплатните станици да се даваат под концесија или пак, ќе ги ставиме под ингеренции на Фондот.
Сакаме наплатата и контролата да ја вршат луѓе на Фондот, бидејќи не сме задоволни од тоа како го прават од “Македонија пат”. Сегашниот процент на наплата на патарините е 50 до 60 отсто, што не е задоволително, а ќе побараме и измени во Законот за патишта за да ниту едно возило не биде ослободено од плаќање на патната таксарина”, изјави за “Вечер”, директорот Џемаили.


Светлана БЛАЖЕВСКА