Џезот од Западниот брег, исто така познат како “кул” дојде на сила во почетокот на 50-тите, но секогаш беше критикуван или прерипнат од историчарите на џезот. Специјално од тие кои веруваа дека секој главен стил основан по 1930 година, по правило потекнува од Њујорк. Кул-џезот беше природна еволуција на би-бопот со разлика дека беше конзервативна реакција на доста радикална музика, а не очигледен чекор нанапред. Кон крајот на 40-тите, џез-музичарите се соочија со дилемата поставена од Чарли Паркер и Дизи Гилеспи. Овие два основачи на би-боп стилот толку ја унапредија музиката и техничките способности на своите инструменти, што остана само малку простор за другите да зачекорат во истиот правец. Всушност, нивните наследници се надеваа дека ќе бидат (во најдобар случај) врвни имитатори. Џезот секогаш ги презентирал двете контрастни страни на музиката – ладна и топла. Рани примери се стиловите на Бикс Бајдербек и Луис Армстронг, Теди Вилсон и Фетс Волер, Лестер Јанг и Колман Хокинс, каде што Лестер конечно го надмина стилот на Хокинс во влијание и популарност. Сето ова се разбистри како што демонстриравме во епизода бр.24 со нонетот на Мајлс Дејвис и официјалното раѓање на кулот. Инспириран од оркестарот на Клод Торнхил и иновативните аранжмани на Гил Еванс, тој организираше уникатна група на музичари и инструменти и презентираше нов сензибилитет во џезот. Не случајно овој нонет ги содржи имињата Ли Кониц, Џери Малиган и Џон Луис. Три имиња што секој различно ќе придонесат во конечното оформување и популаризирање на стилот од Западниот брег. Ли Кониц го среќаваме како клучен член на секстетот на Лени Тристано, кој верувал во долги мелодиски линии, отсуство на вибрато и напредни хармонски импровизации кои користеле лесни теми базирани на познатите хармонски промени… Џон Луис е клучната фигура во Модерниот Џез квартет, кој во основа презентираше камерен џез и наедно е еден од најсофистицираните “кул” звуци во џезот. Нивните прецизни аранжмани со коректна доза на импровизација, и воздржан но неуморен свинг, претставуваа перфектен баланс во музиката. Од втората група на Вуди Херман произлегоа четири тенор саксофонисти: Стен Гец, Џими Џуфри, Зут Симс и Херби Стјуарт кој подоцна беше заменет од Ал Кон, кои свиреа во стилот на Лестер Јанг. Хитот “Рана есен” на Стен Гец со оркестарот на Херман многу помогна во популаризацијата на звукот на тенор саксофонот во новиот правец. До ден-денес Стен Гец асоцира со овој период во Џезот и покрај тоа што тој докажа дека е вистински камелеон на врвот на музиката во секоја декада. Третото име кое произлезе од нонетот на Мајлс Дејвис е Џери Малиган, кој своите аранжерски/композиторски квалитети ги докажа во дектетот и уште поважно во квартетот со Чет Бејкер. Квартетот во кој немаше пијано и со тоа презентираше поголема слобода во аранжманите кои најчесто користеа контрапункт. Важно е да се спомне и придонесот на Дејв Брубек со алтосакофонистот Пол Дезмонд во квартетот кој често експериментираше со политонални и полиритмички композиции. Кон крајот на 50-тите овој стил полека почна да згаснува заменет од екстровертниот стил наречен “Хард-боп”, кој презентираше повеќе блуз и госпел елементи. Следат повеќе епизоди во овој стил. Историја на Џезот се емитува секоја сабота во 14 часот со реприза во вторник во 19 част на 100.8 Mhz.