Претседателот на Собранието, Талат Џафери,  оствари средба со Сагер Насер Ахмед Абдулах Алраиси, амбасадор на Обединетите Арапски Емирати за Република Македонија.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери во рамки на средбата изразил благодарност и задоволство од воспоставените дипломатски односи уште од 1996 година под нашето уставно име, иако за жал, како што посочил, во текот на овој период ретко се бележат заемни средби на високо билатерално ниво.

Џафери на состанокот подвлекол дека ја поттикнува пратеничката група за соработка со земјите од Блискиот и Средниот Исток во Собранието, да воспостават комуникација со нивните колеги од соодветните парламенти и да ја иницираат парламентарната дипломатија која е доста значајна.

„На мултилатерален план, соработката во меѓународните организации и во системот на ООН е добра, често се поддржуваат меѓусебните кандидатури и Република Македонија во оваа насока, традиционално го поддржува кандидирањето на ОАЕ во рамките на телата и органите на меѓународните организации“, оценил Џафери пред амбасадорот.

Од другата страна, Сагер Насер Ахмед Абдулах Алраиси искажал отворена и силна поддршка за Македонија, посочувајќи ги бенефициите за малите земји од членството во Европската Унија и НАТО, и предностите кои се овозможуваат за земјите полноправни членки на овие организации.

Тој упатил покана до претседателот Џафери со делегација да ги посетат Обединетите Арапски Емирати и нивниот парламент. Собранието соошшти дека амбасадорот истакнал оти со оваа покана, ќе се интензивираат билатералните односи помеѓу двете земји, а пораките ќе се упатат токму од парламентот кој е директен глас на народот.

Соговорниците се согласиле дека негувањето и унапредувањето на односите меѓу двата парламента треба да бележи на интензитет во периодот што следи, како и да се продлабочува во доменот на образованието, економијата, животната средина и во други области од заемен интерес за двете земји.

извор: Makfax