Илинден е еден од темелните датуми во историјата на Република Македонија и нејзините граѓани кои се бореле и го положиле најдрагоценото, својата младост, своите животи за да ја создадат нашата заедничка држава, Република Македонија. Без разлика дали станува збор за Илинден 1903-та, односно Крушевската Република, или пак за Илинден 1944-та, односно заседанието на АСНОМ, кога се поставени темелите на државотворноста, сите тие генерации имале една единствена цел, слободна, независна држава во која почитувањето на човековите права и слободи ќе биде подеднакво за сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или која било друга карактеристика. Ако го погледнеме познатиот Крушевски Манифест, ако ги погледнеме документите од АСНОМ, ќе се увериме дека човековите права и слободи и мултиетничкиот и мултиконфесионалниот карактер на општеството биле основните постулати врз кои водачите и на првиот и на вториот Илинден замислувале да се гради државата и да се развива граѓанското општество. Во борбата за остварување на овие цели, своите животи ги положиле многу познати и непознати борци.

Денеска сме овде, пред споменикот на Методија Андонов Ченто, кој беше претседател на АСНОМ а од 1945-та година, беше избран и за прв претседател на Президиумот на Народното Собрание. Залагајќи се за поголеми политички и економски слободи за граѓаните, како и за поголема државотворна самостојност на Република Македонија, во тие оловни времиња на еднопартискиот систем, во монтиран процес е осуден на издржување на затворска казна од 11 години и по нешто повеќе од девет години поминати во затвор, условно е ослободен меѓутоа поради тешката здравствена состојба, набрзо потоа умира во својот роден Прилеп. Сонот и залагањето на Методија Андонов Ченто се остваруваат на 8-ми септември 1991-ва година, кога на референдум граѓаните се определија за самостојна, суверена Република Македонија. Уште на самиот почеток на нашата самостојност, полноправното членство во ЕУ и НАТО се детерминирани како стратешки цели од суштинска важност за напредокот на државата.

Во овие 27 години на самостојност поминавме низ многу премрежија и кризи но сепак, сите заедно успеавме да ги надминеме и да одиме напред кон остварувањето на нашата стратешка цел и што е најважно, тие премрежија и кризи кај граѓаните, без разлика на нивната етничка, верска, политичка или која било друга припадност, не го нарушија духот на заедништво, на соживот и толеранција. Тоа се вредности кои се потврдиле низ нашата заедничка историја а кои се потврдуваат и во секојдневието, бидејќи ние сме знаеле и знаеме заедно да ги споделуваме и убавите, и помалку убавите моменти кои ги носи животот. Имаме една заедничка држава и сите ние сме одговорни да ја зачуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Во исто време, сите ние кои живееме тука или барем мнозинството граѓани, споделуваме заедничка определба а тоа е целосната интеграција во ЕУ и НАТО.

Денес, со задоволство можам да констатирам дека сиот досега вложен труд и целата посветеност на сите политички чинители во државата ги даваат своите позитивни резултати. Имено, веќе е добиена поканата за полноправно членство во НАТО и имаме конкретен датум за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија. Не би било коректно доколку не спомнам дека при ова наше патешествие многу ни помогнаа нашите пријатели и стратешки партнери од меѓународната заедница и за тоа сме им навистина благодарни. Сега, Република Македонија, а јас би рекол пред сè сите ние како граѓани, сме пред уште една голема и можеби судбоносна одлука. Дали ќе продолжиме напред кон евроатланското интегрирање на земјата или пак ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој не не води никаде е наш избор. Актуелната власт и парламентарното мнозинство покажаа дека се подготвени да ја преземат одговорноста за иднината на државата и на граѓаните. Оттука, ја повикуваме и опозицијата да преземе дел од одговорноста која што и припаѓа за иднината на државата и граѓаните. Затоа, денеска кога ги одбележуваме двата Илиндена и кога изразуваме неизмерна почит и благодарност до сите илинденци, би сакал од ова место да апелирам до сите граѓани на Република Македонија, до сите лидери на политичките партии и до сите мои колеги пратеници од мнозинството и опозицијата, да бидат вистински одговорни и визионерски и со моќта на својот глас да го поддржат исполнувањето на Договорот со кој ќе се исполни стратешката цел, членство во ЕУ и НАТО а со тоа ќе биде можно и остварувањето на соништата и заложбите на претходните генерации за слободна, независна држава во која почитувањето на човековите права и слободи е од есенцијална важност. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква Република Македонија, тоа е наша обврска кон нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани.

извор: Makfax