Денеска “Македонска банка” а.д. Скопје ќе одржи седница на Управен одбор на која, како што дознаваме, ќе присуствува и доминантниот сопственик на банката, бизнисменот од Србија, Јовица Стефановиќ-Нини. Наши извори велат дека, седница на Управниот одбор е свикана со цел да се разгледаат тековните активности во работењето на банката во изминативе месеци. На седницата нема да се разгледува евентуалната продажба на оваа банка. И “Радо банка” на бугарската финансиска групација ДЗИ, ниту, пак, прашањето за тоа до каде стасаа активностите околу спојувањето на “Македонска” и “Радо банка” чиј доминантен сопственик е исто така Нини. Сепак, неофицијално дознаваме дека Нини денеска ќе допатува во Скопје токму од причина што бугарскиот бизнисмен, сопственик на групација ДЗИ , Емил Ќулев, вчера изјавил дека сега-засега се откажува од купувањето на двете македонски банки и воопшто од инвестирањето во нашава земја. Бугарскиот бизнисмен Емил Ќулев, потенцијалниот купувач на двете банки, е газда на втората најголема стопроцентно бугарска корпорација по “Мултигруп” ДЗИ. Ќулев потекнува од “При банката” во Бугарија, која го купила најголемиот Државен осигурителен завод во Бугарија, задржувајќи го нивното име. Тој сега е главен осигурувач и на претседателската палата и на Министерскиот завод и на Владата во Бугарија, а има и сопствен пензиски фонд и големи инвестиции во туризмот и лозарството. Тој според некои информации е со потекло од Егејска Македонија, важи како исклучително сигурен инвеститор, и бил сериозно заинтересиран за влез во македонските банки и Осигурителната куќа “Кјуби”, но сигналите од акционерите на банките и на Охридска, првенствено на “Радо” и “Македонска банка” дека немаат намера засега да ги продаваат банките, привремено ги “замрзнале” преговорите околу влезот на овој финансиер. Според некои извори знаејќи ја неговата финансиска моќ, македонските банки сакале да се “пазарат” со цел да издејствуваат што поскапа понуда, поради што и Ќулев, засега се откажал од влезот во македонскиот банкарски систем. Инаку, извори од менаџментот на Македонска банка вчера за “Вечер” изјавија дека и покрај тоа што Бугарите изразиле интерес за евентуално купување на “Радо банка”, тоа во ниеден случај нема да ги попречи активностите за спојување на овие две банки. Овие активности со кои се планира “Радо банка” да се спои со “Македонска”, со што би згаснала како правен субјект, а вработените би преминале во “Македонска банка”, велат од менаџментот се во тек. Газда Нини вчера за нашиот весник потврди дека групацијата ДЗИ се интересирала за влез во “Радо банка”, но не сакаше да коментира ништо повеќе. “Задоволен сум како работат и двете банки и “Македонска” и “Радо банка”. За тоа дали ќе дојде и до продажбата се уште е рано да кажам било што”, вели Стефановиќ.


Весна М. БОЖИНОВСКА