Се претпоставува дека Осама бин Ладен, водачот на Ал Каеда, се женел пет пати и дека официјално се развел од само една сопруга. Меѓу жените биле и 15-годишното девојче Амал ал Сада и учителката Ум Халед. Иако нема прецизен податок за бројот на неговите потомци, се верува дека тој зад себе оставил 23 деца. Во операцијата во Пакистан во која е ликвидиран светскиот терорист број еден, убиен е и неговиот најмлад син Хамза (20) кого Осама го подготвувал за свој наследник, како и една од неговите жени. Бидејќи бил вмешан во убиството на Беназир Буто, пакистанската премиерка, разузнавачите го сметаа Хамза за најблизок соработник на татко му, кој силно се залагал за “уништување на Америка, Британија, Франција и Данска”. Бин Ладен прв пат се оженил на 17 години со Наџва Ганем која го напуштила, но која претходно му изродила 11 деца. Во 2009 година таа, заедно со синот Омар, напиша книга за животот со Осама. Наџва го опишала како тиранин кој сопствените деца ги воспитува како терористи-самоубијци и, за да ги направи силни, пред нив ги убивал нивните домашни миленичиња. Се под мотото дека “на исламот му се неопходни војници”. Бин Ладен строго се придржувал на исламските канони и не дозволувал современа техника во нивната куќа. Одбивал лекарска помош за синот кој имал астма, не дозволувал играчки, ги казнувал ако се смееле…
По интервенцијата на САД во Авганистан 2001, најголем дел од семејството на Бин Ладен се засолнало во Иран, каде живеело во луксузен комплекс, но под стража и практично во куќен притвор. Меѓу нив бил и синот Саад бин Ладен, кој имал висока позиција во Ал Каеда и се смета за одговорен за бомбашкиот напад на синагога во Тунис 2002 кога загинаа 19 луѓе. За него се верува дека е пуштен од домашен притвор 2008 и дека му се придружил на татко му во Пакистан. Американски разузнавачи соопштија дека Саад загинал во напад на беспилотно летало, но веста не е потврдена. Најстариот син на Осама, Абдула, е угледен бизнисмен кој има рекламна компанија и живее во Џеда, Саудиска Арабија, но движењето му било ограничено затоа што никогаш јавно не се откажал од татко му. Иман, ќерката на Бин Ладен, со останатите членови на семејството се наоѓала во домашен протвор во Техеран, но во 2009, кога имала 17 години, побегнала во саудиска мисија додека била на шопинг во иранската престолнина. Таму се криела 112 дена се додека во март 2010 иранските власти не и дозволиле да ја напушти земјата и да и се придружи на мајката Наџва, која живее во Сирија.


Мохамед Омар Хамза Абдула

Светот, сепак, најмногу знае за Омар (1981) четвртиот син на Осама, токму поради книгата “Да се расте како Бин Ладен”. Во неа тој потсетува и на моментот кога татко им семејството го одвел во саудиската пустина каде на синовите им наредил да ископаат ров и во него долго да лежат за да се подготват за војна со “неверниците”. Оделе и на долги маршеви во пустината, без вода. Врската со татко му се прекинала кога Омар го одбил неговиот предлог да биде бомбаш-самоубиец. Својот татко и Авганистан Омар ги напуштил во 2001 година, кога дознал дека тој планира напад на САД. Од тогаш живее и работи во Каиро и е оженет со Британка. “Мојот татко повеќе ги мразеше своите непријатели отколку што ги сакаше своите деца”, рекол Омар. “Долго верував дека мојот татко не е тој кој е зол, туку светот околу него. Беше опседнат со ‘светата војна’, воопшто и не беше свесен за сопствените деца и беше премногу далечен за да им изгледа како личност”, наведува Омар во својата книга.

Светот ги очекува “ужасните” фотографии
Дали ќе бидат објавени фотографии на мртвиот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен? Белата куќа се уште не одлучила што е попаметно да се направи зашто тие биле “ужасни”, но и од аспект на американските интереси. Директорот на Централно-разузнавачката агенција ЦИА Леон Панета очекува дека фотографии на мртвиот Бин Ладен сепак ќе бидат објавени, но нагласил дека последниот збор ќе го има Белата куќа. Тој ги негира информациите дека претседателот Барак Обама во реално време го гледал фаќањето на Осама и моментот кога маринците го убиле. Пакистанската разузнавачка служба соопшти дека во вилата во Аботабад каде е убиен “терористот бр. 1” во време на нападот имало 17-18 луѓе и дека Американците одвеле едно лице кое би можело да биде син на Бин Ладен, пренесува Би-Би-Си. Според пакистански извори, нападот го преживеале една жена, ќерка и осум или девет деца, на кои Американците, пред враќање од операцијата, им ги врзале рацете. Соопштено е и дека 12-годишната ќерка на Бин Ладен ја видела ликвидацијата на нејзиниот татко. Пакистанското МНР соопшти дека сите членови на семејството на Бин Ладен кои во моментот на нападот се наоѓале во куќата биле “во добри раце и за нив добро се грижеле”, а на некои им била пружена соодветна лекарска помош.

Мртвиот Осама му го дигна рејтингот на Обама
Рејтингот на американскиот претседател Барак Обама се зголеми по убиството на лидерот на Ал Каеда, Осама бин Ладен. Голем број Американци му даваат високи оценки за начинот на кој се бори со тероризмот и за ситуацијата во Авганистан, се вели во анкета направена по барање на Вашингтон пост. Повеќе од три четвртини анкетирани изјавиле дека претседателот заслужува признание за убиството на Бин Ладен. Меѓу републиканците, 61 отсто сметаат дека Обама заслужува барем некое признание за тоа, но меѓу нив само 17 отсто сметаат дека заслужува големо признание. За убиството на Бин Ладен, тие повеќе би го пофалиле поранешниот претседател Џорџ Буш.