Здружението на стечајци и директорката на Агенцијата за вработување, Јасминка Делчева – Диздаревиќ денеска ќе ги усогласуваат списоците за тоа кој ќе се најде во социјалниот пакет што се договара со Владата. Агенцијата и Здружението имаат различни бројки за тоа колку стечајни работници треба да бидат опфатени со предложените мерки. Стојан Стојанов од Здружението на стечајните работници вели дека во земјава има од шест до осум илјади стечајци. “Во Агенцијата е хаос. Како невработени се водат лица, кои имаат приватни фирми, пензионери, па дури и умрени луѓе. Ова од Агенцијата го прават за да прикажат дека не има повеќе од десет илјади”, вели Стојанов. На списоците треба да се најдат работници со 25-годишен работен стаж. Во петокот, Собранието ги донесе измените на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. За стечајците, тој е само модифициран “Бранков закон” со кој Владата нема да успее да згрижи ниту 20 работници. “Со измените, младите стечајци остануваат на улица, а се поттикнува вработување на луѓе постари од 54 години”, вели Стојанов. Законот предвидува работодавачите од буџетот на државата две години да добиваат по 3.000 денари за пензиско осигурување за секој нововработен работник со 25 години работен стаж. Газдите, исто така, имаат обврска наредните две години да ги задржат нововработените на работа. Стечајците не се согласуваат со овие измени и бараат ново законско решение со кое ќе добиваат паричен надоместок од околу 5.200 денари до наредното вработување. Тие најавија повторно излегување на протести, ако не се реши нивниот статус. (А. Се.)