Проектот на УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени што се одржа на Земјоделскиот институт ги презентираше резултатите добиени од показното поле што беше поставено есента, 2012 година и организира посета на ова ерозивно поле.

– Тимот на проектот заедно со проф. д-р Душко Мукаетов, од Земјоделскиот институт, ги адресираа проблемите со ерозија на почвата како резултат на негативното влијание од климатските промени и претставија мерки за справување со ерозијата во земјоделството: начини на обработка на почвата – по должина на наклонот и попречно и употреба на таканаречените покровни култури, кои ја спречуваат ерозијата и го зголемуваат нивото на хранливи материи во почвата, соопшти УСАИД.

Оттаму потсетуваат дека Мрежата за рурален развој на Република Македонија започна да го спроведува проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени во април 2012.

– Целта на проектот е да им помогне на земјоделците да го зачуваат нивото на приход преку намалување на штетите предизвикани од промените во животната средина. Проектните активности се фокусирани во медитеранската зона, вклучувајќи го Вардарскиот регион со делови од струмичко и гевгелиско, земјоделско богати области кои се под најголемо влијание од климатските промени, појаснуваат од УСАИД.