ЌЕ СЕ НАМАЛИ ДАНОКОТ НА ДОБИВКА
Владата, конечно, ќе му пружи рака на македонското стопанство. Како што дознаваме од владини извори, деновиве веќе интензивно се работи на пресметките за намалувањето на данокот од добивка кој ќе биде една од мерките во најавените реформски чекори во даноч- ната политика за идната година. Впрочем кон ова упатуваат и изјавите на министерот за финансии дека ќе се направат одредени чекори во даночната политика, како и на премиерот дека, конечно, е време да се сврти вниманието кон стопанството и воопшто кон економијата. Нашите извори велат дека е се уште рано да се ка- же колку ќе изнесува ова намалување, но дека е извесно дека стапката по која се наплаќа овој данок ќе оди надолу. Која варијанта, односно колкав ќе биде новиот процент, Владата ќе треба да утврди најдоцна до јануари кога на преговарачката маса повторно ќе треба да седнат владиниот тим и мисијата на ММФ за да се прецизираат преостанатите детали во новиот аранжман кој земјава го очекува од Фондот за наредните три години. Нашите извори велат дека јавноста за ваквите мерки на Владата ќе биде запознаена идниот месец, за кога првиот финансиер Поповски најави дека ќе ги обелодени 170-те реформски мерки од кои добар дел ќе бидат содржани во новиот аранжман. Инаку, стапката по која сега се оданочува данокот на добивка е 15 отсто што е една од најниските стапки во земјите во транзиција, со исклучок на Србија каде што овој данок се оданочува со десет отсто. Ваков чекор, како што дознаваме, Владата планира да направи од причина што бизнисмените постојано се жалат дека зафаќањата врз основа на данокот да добивка им го јаде капиталот кој би можеле да го искористат за инвестирање и за зголемување на производството. Аргументот на Владата, велат наши извори е, пред се, да се даде стимул на економијата, но и да се намалат затајувањата на плаќањата врз основа на овој данок што годинава резултира со негово потфрлање во однос на проекциите во Буџетот. Според официјалните податоци, минатиот месец најголемо потфрлање е регистрирано кај данокот на добивка кој е остварен во однос на буџетираното само со 40,79 отсто. Или, од почетокот на годинава до октомври, данокот на добивка е остварен со 91,35 отсто. Надлежните велат дека ова потфрлување се должи на многуте даночни ослободувања кои се несвојствени за современите држави, а кои Владата при носењето на Законот за данок на добивка ги користела како инструмент за привлекување странски инвестиции.
ВЕСНА М. БОЖИНОВСКА