Ќе се емитува првата двегодишна државна обврзница
Идната недела државата ќе ја емитува и првата двегодишна државна обврзница. Откако пред неполни две години стартуваше со тримесечните државни записи, а потоа ги пласираше и шестмесечните и годишните записи, од 24 овој месец ќе ја емитува и првата државна обврзница со рок на доспевање од две години. Со издавањето на државните хартии од вредност државата, всушност, се задолжува кај домашните банки, со цел полесно да ги “пегла” тековните дефицити во буџетот, а за што плаќа и соодветна камата, која во моментов се движи од околу 10 до 11 отсто годишно. Народна банка, пак, од идната година ќе почне со емисија на државни записи за монетарни цели, со цел креирање хомоген пазар и укинување на пазарната сегментација меѓу нејзините благајнички записи и државните записи.(В.М.Б.)