Македонија годинава ќе забележи економски раст од 3,8 отсто, а идната година растот ќе изнесува 3,7 проценти. Вака изгледа прогнозата што вчера ја објави ММФ во најновиот полугодишен извештај за Светските економски прогнози. Во извештајот, се оценува дека дефицитот на платниот биланс на Македонија годинава ќе изнесува 6,5 насто од бруто домашниот производ, а веќе идната година ќе се намали на 5,2 проценти.
Што се однесува до стапката на инфлација, според прогнозите на аналитичарите на ММФ, Македонија годинава ќе ја заврши со стапка од 1,2 отсто, а во 2006 година инфлацијата ќе се зголеми на 1,8 проценти.
Бруто домашниот производ по глава на жител годинава ќе изнесува 2380 долари, а идната година ќе биде 2508 долари. Само за споредба тимот на ММФ и македонската Влада во новиот стенд бај аранжман, кој го договорија деновиве, проектираа економски раст за годинава од 3,7 отсто, наредната – 4 отсто, а во следните три години – 4,5 отсто. Инфлацијата за годинава се совпаѓа со прогнозите на аналитичарите на Фондот дека ќе изнесува 1,2 проценти, идната -1,5 , а до 2008 година ќе се движи околу два отсто што е во рамките на европските стандарди.