Ќе пиеме виски и ќе јадеме чоколада
Алкохолните пијалаци, чоколадите, дрвените производи, рибата… се дел од производите кои по Нова година ќе се увезуваат по пониска царина. Најголемо намалување на царинските стапки ќе има кај сите алкохолни пијалоци: вермут, виски, вотка, коњак за 12 проценти, а за 5,6 отсто ќе се намали царината кај одредени видови чоколади. Ваквата, навидум розова слика, ќе ја видиме благодарение на Светската трговска организација според која од 2007 година алкохолот мораме да го увезуваме со 0 процента царина. Инаку, само за последните три години царините за алкохолните пијачки паднаа за над 60 отсто. Но, за среќа, на домашните производители, тука е Европската унија, според чии правила треба шестпати да ја зголемиме акцизата на алкохол. За 8 проценти ќе се намали царината кај одредени видови сушен зеленчук, за 6 проценти намалување ќе има кај одредени видови дрвени производи и градежна столарија, етикети и производи од хартија. Кај мебелот намалувањето ќе изнесува 4,6 проценти, а кај рибите и конзервите од риба 2,6 проценти. Но, дека малку ќе заштедиме и на хигиената, велат во Царината говори фактот што паѓаат царините и кај увезените сапуни и козметиката за околу 4,7 проценти. Граѓаните ќе може да си дозволат и малку луксуз, бидејќи помали царини за 3,6 отсто ќе има и кај парфемите. Но ова е, велат експертите, само делумно паѓање на царините бидејќи со земјите-членки на ЕУ, ЕФТА и Турција ќе има дополнително намалување на царинските давачки. Дополнително во текот на 2006 година ќе има намалување во согласност со договорите за слободна трговија. Кај производите со потекло од ЕУ и ЕФТА, намалување на царината од 10 до 20 проценти ќе има кај индустриските производи, а кај производите со потекло од Турција 30 проценти, што во практиката значи ако царинската стапка на еден производ била 10 проценти, сега ќе биде седум проценти. Заштита од ваквиот евтин увоз, за домашните производители, велат во Царината, е можен само со странични мерки, како стандардизација, акредитација, метрологија. Ако не, ќе не затрупа увозна стока, велат експертите. Годинава врз основа на преземените обврски со членството во Светската трговска организација, просечната непондерирана царинска стапка за сите производи ќе изнесува 9,5 проценти во споредба со 10,5 проценти колку што изнесуваше годинава. Кај земјоделските и прехранбените производи просечната непондерирана царинска стапка ќе се намали од 18,05 проценти на 17,25 проценти, а кај индустриските производи намалувањето ќе се движи од 7,66 проценти на 7,19 проценти. Намалување на царината ќе има кај повеќе од 2.800 тарифни ознаки.
Фатен фалц џемпери “ла коста”
Царинските инспекции во согласност со новите правила за регистрација на странски брендови, вчера запленија поголема пратка фалсификат џемпери, од марката “ла коста”. Увозникот, кој бил фатен за увоз на ваква фалц стока, веднаш ја отстапил “во полза на државата”. Инаку, во истиот контингент се фатени и неколку илјади патики од марката “најк” но тие царината морала да ги пропушти, бидејќи марката не е заштитена кај нас.
Виолета ЦВЕТКОВСКА