Енормно ќе се зголеми цената на шеќерот во земјава откако Европската унија неодамна го забрани извозот на европскиот шеќер во балканските земји. Земјите-членки на ЕУ, согласно со реформите во овој бизнис и стратегијата на Унијата за периодот од 2006 до 2009 година, ќе произведуваат шеќер само за сопствени потреби, поради што нема да имаат можност да извезуваат. Домашните експерти сметаат дека намалувањето на количините на шеќер на пазарот за цели седум милиони тони годишно, ќе предизвика недостиг на овој производ и драстичен скок на цената на шеќерот на светските берзи. Тоа ќе повлече и зголемување на цената на шеќерот во земјава, бидејќи Македонија е целосно зависна од увоз поради намаленото домашно производство на шеќерна репа и укинатите стимулации за земјоделците. Експертите сметаат дека алтернативно решение за земјава е шеќерот да го увезува од соседните земји или од Јужна Америка. За увоз на шеќер земјава годишно троши 21 милион евра. За економските аналитичари нејасни се причините за забраната, бидејќи ЕУ е еден од најголемите извозници на шеќер во светот. Во Царинската управа велат дека Македонија како земја- кандидат за членство во ЕУ ќе мора да се придржува кон европската политика. – Претпоставките се дека ЕУ воведува вакви забрани бидејќи Светската трговска организација (СТО) поднесе тужба за укинување на стимулациите за производителите на шеќер. За да се заштитат производителите на шеќер во Унијата, сега земјите-членки ќе трупаат шеќерни резерви. Прогнозите се дека ценовен шок на земјава ќе се случи и со пченицата, чие производство не се стимулира, поради што се повеќе стануваме увозници на скапа пченица од регионот – сметаат експертите. Во земјава е намалено производството на шеќерна репа, поради укинатите стимулации за земјоделците и поради ниските откупни цени што ги понуди единствениот откупувач битолската шеќерана. На глобално ниво шеќерот станува стратешки производ заедно со сончогледот, заради нивното користење како сурови за призводството на био-горива.


Андреја Серафимовски