Подигнување на економскиот пораст и зголемување на вработеноста ќе бидат приоритет на новата четиригодишна стратегија на Светската банка за Македонија во периодот од 2007 до 2010 година, која беше разгледана на завчерашната средба со претставничката на Канцеларијата на Светската банка во Македонија, Сандра Блуменкамп.
– Светска банка е подготвена да и’ даде поддршка на Македонија во спроведувањето на реформите со значителен износ повисок од досегашниот – рече координаторот на македонскиот преговарачки тим со Светската банка и вицепремиер Зоран Ставрески. Тој појасни дека поддршката зависно од сценаријата треба да изнесува меѓу 220 и 300 милиони долари.
– Ако сме во првото сценарио на релативно побавни реформи, поддршката ќе биде 220 милиони, а ако сме во побрзото сценарио на повисоки и побрзи реформи – тогаш ќе добиеме до 300 милони долари, истакна Ставрески.
Потпретседателот на Владата вели дека првите проекти со Светската банка што ќе бидат реализирани во текот на идната година ќе бидат насочени кон земјоделството, каде треба да се создадат институционални услови за повлекување на парите од ИПА фондовите и за изградба на трасата од Бељаковце до Куманово.
Во следните години ќе се поддржат проекти за зголемување на конкурентноста на економијата, за иновации, за нова технологија, за споредни патишта, за подобрување на квалитетот на институциите, за судството, за Катастарот и за социјалната помош за најсиромашните слоеви на населението, односно за семејства кои редовно ги носат децата на училиште и на лекарска контрола.
Според Блуменкамп, постигнат е одреден напредок во економијата од социјален и институционален аспект, но сепак намалувањето на сиромаштијата се одвива побавно.(А.Се)