Владата донесе одлука годинава интензивно да продолжи продажбата на локалите во ГТЦ што беше запрена во 2003 година. Колку сте задоволни и колку пари се инкасирани досега?
-Локалите ги продаваме по ценовникот од 1997 година, не направивме никакви измени во цените, освен за неколку дуќани на Кејот што во меѓувреме станаа атрактивни. Продажбата лесно ни оди и за девет месеци се продадени 68 отсто од вкупниот деловен простор или 14.985 квадратни метри. Поточно, продадени се 135 дуќани на актуелни закупци и инкасирани се околу 25,2 милиони евра. На лицитација, пак, продадени се 12 дуќани во износ од 1,85 милиони евра, потоа 36 магацини што е околу 1,3 милиони евра. Или, вкупно продадени се 183 деловни единици од што треба да се наплатат 28 милиони и 315 илјади евра во бруто износ. Практично очекуваме да наплатиме 24 милиони евра во нето износ, бидејќи остатокот од четири милиони евра се ДДВ што ГТЦ ги има платено на државата, а на правните лица ќе им биде повратено. Со ова влијаеме во спречувањето на сивата економија и практично ги тераме дуќанџиите да работат легално.
Од продажбата сум задоволен, имајќи предвид дека од 1996 година до 2003, беа продадени 36 отсто од деловниот простор, или околу 17.000 квадрати, односно 214 дуќани, а од нив 155 во готово, а останатите 59 на лизинг. Во моментов имаме огласено околу 31 дуќан од кои очекуваме околу пет милиони евра, а непродадени се уште 50 до 60 деловни простории. Со нивна продажба планираме до крајот на годината да ја надминеме цифрата од 35 милиони евра.
Како ќе ја решавате судбината на одредени поранешни и сегашни “проблематични” дуќани?
-Од поранешните “проблематични” локали се “Шутекс”, кој ни должи 30 милиони денари, меѓутоа сопственикот, како што знаете, е во затвор и тешко дека ќе можеме да ги наплатиме тие пари. Затоа, деловниот простор што го користеше “Шутекс” веќе два-три пати го даваме на продажба, а наплатата ќе ја побараме по судски пат. “Еко шопинг” пак, е проблематичен затоа што не го плаќа долгот. Во овој случај имавме закупец кој постојано ја менува фирмата и не плаќа со години, но не можеме да го истераме од причина што во просториите има околу 80-тина други подзакупци. “Еко шопинг” е исклучен од струја уште лани, во ноември. Но, и покрај тоа работат. Веројатно се снаоѓаат од соседните дуќани кои им прават лоша услуга, им даваат нивна струја, а струјата што се троши за ходници и за ескалаторите, ја плаќа некој друг, додека некој се богати без да плаќа ништо. Меѓутоа и овој случај е на суд и очекуваме брза судска разврска. Спорен е и просторот со киното “Милениум” кое е издадено на фирмата “Скопски кина”. Во 2002 година е склучен договор за деловно-техничка соработка, според кој ентериерот и кино-опремата требаше да биде обврска на “Скопски кина”, а добивката од продажбата на карти требаше да се дели – 85 проценти за нив, а само 15 – за ГТЦ. Бидејќи “Скопски кина” немале средства да го реновираат киното, интервенирал ГТЦ со 36 милиони денари. Тие ја купуваат само кино-опрема, а условите од договорот остануваат исти. Бидејќи тоа е штетен договор за ГТЦ, во 2003 година кога доаѓа мојот претходник, Никола Велков, ги тужи. Во меѓувреме, кино “Милениум” работи и прави нови долгови од околу седум милиони денари за неплатена кирија, за струја и за останати комуналии, по што ГТЦ им ја исклучи струјата. Деновиве чекаме пресудата да биде во наша полза и ако се случи токму така, киното ќе го стопанисува ГТЦ. Ја имаме комплетната инфраструтура, имаме луѓе што ќе работат на каса и што ќе чистат. Ќе ни требаат двајца луѓе што ќе прожектираат и уште двајца што ќе набавуваат филмови. Со повторното активирање на киното на кое најверојатно ќе му дадеме ново име, но и со намалувањето на цената на билетот од 180 на 100 денари, ќе овозможиме 20 до 30 луѓе да земаат плата.
Какви се состојбите внатре во АД ГТЦ?
-Кога дојдов на оваа позиција во 2003 година, бројот на вработени беше 252, што беше преголем број, имајќи предвид дека во 1996 година кога е формирано акционерското друштво ГТЦ, биле вработени 120 луѓе. Од тогаш до крајот на 2003 година оваа бројка е дуплирана и најголем број вработени се примени во 2002 година, кога беше предизборна година. Бидејќи имавме превработеност, односно по двајца извршители за секое работно место, требаше да се најде начин како да се намали бројот на вработени, а сепак луѓето да не бидат истерани на улица и да немаме турбуленции во фирмата. Со почетокот на продажбата, дел од 300 илјади евра што дотогаш ги добивавме секој месец од киријата за деловните простории и кои ни стигаа за плати и за тековни трошоци, сега ги немаме и затоа бевме присилени дел од вработените да ги убедиме да ја напуштат фирмата. Понудивме доброволен технолошки вишок со 12 отпремнини (плати) и веќе заминаа 43 вработени, а седуммина отидоа во пензија. Сега дојдовме до 205 вработени, но оптималната бројка која ни треба е од 120 до 150. За да ја постигнеме, повторно ќе одиме со понудување на доброволен технолошки вишок.
Се отвори “Рамстор”, а наскоро и “Веро”, но и “Меркатор” ќе градат трговски центри во Скопје. Како ГТЦ се справува со конкуренцијата?
-ГТЦ е најголемиот, најстариот и најатрактивниот трговски центар во Македонија, изграден е пред 31 година, но се уште не ја изгубил атрактивноста, веројатно, поради начинот како е решен архитектонски и денеска е пред времето. Тој е стар, но е необичен и со мали корекции и со воведување нови содржини ќе стане уште поатрактивен. Што се однесува за “Рамстор”, тоа е прекрасен трговски центар од типот на американските молови (затворени трговски центри) и тој си има свои содржини и убавина. Веројатно е некоја конкуренција на ГТЦ и дај боже да е така, бидејќи конкуренцијата носи само поголем квалитет, зголемена понуда и се разбира, тогаш и цените стануваат разумни.
Сметам дека секоја странска инвестиција е добредојдена во Македонија, меѓутоа што ќе направи и дали некој трговски центар ќе биде атрактивен, зависи од оние кои ќе работат во него.


Најголем трговски центар
ГТЦ е акционерско друштво формирано од Владата на РМ во 1996 година и главен доминантен сопственик е Јавното станбено претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор со некаде 97 проценти, а три проценти се акции што ги поседуваат други акционери. Книговодствената вредност на ГТЦ беше 97 милиони евра, но сега, бидејќи се продадени 68 проценти од вкупниот дел на ГТЦ, сега треба да се направи нова процена на имотот и ќе видиме со кој имот практично сега располага ГТЦ и очекуваме дека ќе биде многу помала сума. ГТЦ располага со 121.338 квадратни метри што го прави убедливо најголем трговски центар во Македонија. Од тоа, 61.687 квадрати се деловни простории, односно 46.947 квадрати се дуќани, 11.227 се гаражи и 3.514 квадрати се канцеларии со кои стопанисува АД ГТЦ, како и плус 59.651 квадрати заеднички простории – ходници, пасарели, јадра, работилници, лифтови, ескалатори.


Јас сум дипломиран економист
Прво вработување ми беше во 1985 година во “Реплек Македонија” како шеф на комјутерскиот центар. Во 1992 година отидов во Заводот за унапредување на стопанството – фирмата што ги изработуваше сите македонски патни документи. Од 2001 до 2003 година работев во сопствена приватна фирма.
Во ГТЦ дојдов на крајот на 2003 година, кога се форсираше продажбата на локалите. Наредната година ја изгубивме во преговори и во избор на модел на продажба на локалите. Некои преферираа да се продаваат акциите, други инсистираа да се понуди деловниот простор на актуелните закупци. Но, на крај, тргнувајќи од фактот дека 36 отсто од деловниот простор веќе беше продаден, се отиде на варијантата локалите да се понудат на закупците, за што и јас се залагав, бидејќи во нив имавме сигурни купувачи.


Светлана БЛАЖЕВСКА