Дали е воопшто законско поставувањето на Неда Дојчиновска во Постојаната мисија на Македонија при Европската Унија во Брисел?

По вчерашната сторија на Вечер.мк за скандалозното назначување на Неда Дојчиновска, денеска на површина излегоа нови детали.

Најпрво, Неда, ќерка на антикорупционерката Софка Пејовска Дојчиновска, не е на испомош во Постојаната мисија на Македонија при Европската Унија во Брисел, туку доби мандат од 2 години.

Нашите извори наведуваат дека во рок од 6 месеци Неда е унапредена на јавен оглас од “помлад соработник“ во “раководител на одделение“ и веднаш е распределена на испомош во Брисел во мисијата. Додека била на испомош е објавен огласот на кој доби дипломатско звање “советник“ и доби мандат од 2 години.

Во посебните услови на конкурсот е наведено дека се потребни 24 месеци претходно искуство во СЕП, но не и на работната позиција на која е (штотуку унапредена експресно).

Тука се гледа поврзаноста со мајка и Софка, член на антикорупциска комисија. Мајка и е назначена во тело кое треба да го прати и проверува законското работење на заменик премиерот Бујар Османи и министерот за надворешни Никола Димитров (кое и онака го нема, особено во овој случај), а во многу кратко време Неда има скок од неколку работни места и дипломатски мандат од 2 години

Главниот проблем се јавува во тоа што таа е пратена на испомош со работно место “соработник“ или “советник“ (административно звање). Додека е во Брисел добива унапредување во “Раководител на одделение“. После неколку денови е објавен огласот за упатување на мандат во Мисијата.

На тој конкурс две места се пополнети, а две се поништени (неизбрани кандидати). Двете места се пополнети со дипломатско звање “советник“ кој доаѓа од редот на раководните структури.

Реално, Неда Дојчиновска нема ниту два дена раководно искуство за да добие таква позиција во Мисијата во Брисел, а добива такво звање.

Иако подоцна на конкурсот се пријавени поискусни и подобри кандидати со повисоки звања од нејзиното, сепак на 13 декември мандатот како “советник“ во мисијата и е доделен на  Дојчиновска, а одлуката е лично потпишана од министерот за европски прашања Бујар Османи.

Се поставува прашањето дали е законска постапката со оглед на тоа што дури формално правно не е унапредена и упатена, таа е на испомош во Брисел. Значи не е физички присутна тука додека трае процедурата за унапредување (прво) и упатување во Мисијата (второ).

Плус, не можела да биде испратена без согласност од министерот за надворешни Никола Димитров, бидејќи под надлежност на МНР е мисијата во Брисел и таа ќе има ранг на дипломат преку мисијата на МНР.

Она што го прави скандал на непотизам од највисок ранг, е што се појавува огромен сомнеж дека при оваа одлука за унапредување на Неда Дојчиновска стои нејзината мајка која е член на Антикорупциската комисија. 

Софка Пејовска Дојчиновска, член на Антикорупциска и мајка на Неда Дојчиновска

А Антикорупциската, нели, мудро одлучи дека нема судир на интереси во тоа што ќерката на МНР Димитров доби 40.000 евра стипендија од комисијата при образование во истиот ден кога комисијата била и формирана од Дескоска, колешка на Димитров како членови на владата

Скандалите со непотизам и судир на интереси во Македонија никако да запрат. Не само од не постои желба да  се искорени туку сега истиот стана дел и од институцијата која треба да  санкционира.

После ваквиот скандал се поставува прашањето кој ќе не штити од непотизмот и судирот на интереси при вработувањата ако тој е навлезен и во институцијата која треба да ги санкционира? Но, и како Антикорупциска ќе ја врши својата основна функција да биде контролор на власта доколку постои тесна врска помеѓу членовите на комисијата вработени во државните институции?