Во соработка со турската полиција уште петмина македонски државјани припадници на Исламска држава паднаа во акцијата “Ќелија”. Уапсените припадници на ИД посетувале верски предавања на радикални имами во Скопје и Куманово. Лицата на возраст од 18 до 24 години, пред две недели биле пронајдени и уапсени во едно од собиралиштата на џихадисти лоцирано во турската населба Аксарај, каде што чекале поволни услови за трансфер во Сирија.

Во текот на акцијата при обид за бегство две од лицата се здобиле со тешки телесни повреди, а според МВР тие подолг временски период посетувале верски предавања на радикални имами во Скопје и Куманово.

– Двајца македонски државјани од Куманово на возраст од 21 и 24 години заминале за Турција на 22 минатиот месеци со автобус, при што оствариле излез на Граничниот премин Табановце, за потоа преку Ниш и Софија да пристигнат во Истанбул, додека останатите три лица- едно од Куманово и две од Скопје на возраст од 18, 19 односно 20 години заминале за Турција кон крајот на минатиот месец исто така со автобус, но преку граничниот премин “Богородица”. За две од лицата нивното исчезнување било пријавено и во полиција од страна на нивните родители. Имено според сознанијата, пријавените подолг временски период посетувале верски предавања на радикални имами во нивните градови каде започнало нивното индоктринирање и радикализирање, изјави министерот за внатрешни работи Митко Чавков.

Осомничените се вратени во Македонија, против нив е поднесена кривична пријава, а од страна на судија на претходна постапка на сите им е определена мерка притвор. МВР и натаму продолжува со преземање мерки и активности за обезбедување докази и против други лица вклучени во индоктринирање, помагање и логистика за целите на Исламската држава.

– Освен акцијата со турските безбедносни сили, по претходно обезбедени сознанија, во соработка со албанската полиција на 14 август во Тирана беше уапсено уште едно лице по кое се трагаше, а беше опфатено со акцијата “Ќелија”, која се спроведе во август минатата година. По распишаната меѓународна потерница лицето беше приведено и во тек е постапка за негова екстрадиција – потстети Чавков.

Ова е трето продолжение на акцијата “Ќелија”, која МВР ја спроведува со цел да се спречи македонски државјани да се приклучат кон муџахединските единици во Сирија. Првите 11 уапсени кои се товарат дека соработувале со екстремната сунитска организација Исламската држава ја признаа вината веќе и се осудени, а во акцијата “Ќелија 2” беше поднесена кривична пријава против седум лица, четворица беа уапсени, а тројца недостапни за полицијата.

Самопрогласениот имам од Тутунсуз џамијата во Скопје, Реџеп Мемиши, е човекот кој ја формираше терористичкате ќелија во срцето на Скопје и каде со неговиот брат Фета и уште неколку негови поддржувачи регрутирале верници кои како доброволци оделе да се борат во Сирија и Ирак во редовите на терористичките организации Ал каеда и Исламска држава (ИД).
Акцијата на МВР во која беше уапсен Мемиши и беше разбиена терористичката ќелија во Скопје беше изведена во август минатата година. Токму од неговиот џемат, шестмина верници, сите од истата улица Јајце во населбата Чаир, загинаа борејќи се во Сирија и Ирак, вклучувајќи го и неговиот внук Ријад.

Истрагата на МВР почнала во септември 2014 година веднаш по усвојувањето на законските измени со кои војувањето во странство и регрутирањето на борци се класифицираше како кривично дело. Во тие десетина месеци полицијата собрала доволно докази за активностите на Мемиши и неговите истомисленици, кои покрај регрутирањето и трансферот на борци собирале и пари, но и ги криеле повратниците од боиштата во Ирак и Сирија.
Ќелијата со која раководел самопрогласениот имам Мемиши успеала да испрати околу 130 македонски државјани во Сирија и Ирак, во редовите на ИД и Ал Каеда. Дел од нив се вратиле во државата, а досега е потврдена смртта на 17 македонски државјани. Трансферот на џихадистите до Сирија и Ирак најчесто одел преку Турција, а доброволците имале лажни документи кои им биле дадени уште во Скопје.

Проблемот со ширењето на исламскиот радикализам кој ги иницираше законските промени го актуализираше поглаварот на ИВЗ, кој изјави дека две џамии, Јајапашината и Тутунсуз, не се под нивна контрола и дека со нив раководат самопрогласени имами кои проповедаат радикален ислам. Овие две џамии не се под контрола на ИВЗ повеќе од четири години и во тој период во нив дури се изведени и градежни зафати и реновирање, без никакво знаење или одобрение од ИВЗ. Во овие две џамии имаат проповедано двајца имами познати по своите радикални ставови и блискост со вехабистичките групи во Косово и во Босна и Херцеговина. Станува збор за Билал Босниќ и Шефкет Красниќи, кои во септември минатата година беа уапсени во рамките на голема регионална акција за разбивање на вахабистички центри. Проповедите на имамот Босниќ во Скопје во Јајапашината џамија се поставени и на интернет, на каналот “Јутјуб” и датираат од пред четири години, период во кој и ИВЗ и МВР цврсто негираа присуство на какви било радикални елементи во скопските џамии. Тогаш се случи и скандалот со нападот на имамот во кој учествуваа и лица – членови на чаирскиот огранок на ДУИ.

Според неофицијалните информации на македонските безбедносни служби, досега над 30 македонски државјани кои се бореле на страната на ИД или Ал каеда во Ирак,. Сирија или Авганистан се убиени. Во моментов над педесет македонски државјани се на боиштата во Сирија во редовите на Исламската држава.