Самир Љума и Фејми Даут од „Медена земја“ се добитници на наградата за најдобра кинематографија за Документарен филм на 34 доделување на ASC (The American Society of Cinematographers) наградите.

„Најважната награда што еден кинематографер може да ја посака. Благодарам ASC“, напиша Љума на својот профил на „Фејсбук“.

Наградата на кинематограферите им ја додели режисерот Тод Филипс кој во својата најава рече дека ова е „златно време на документарниот филм“.

Македонскиот филм „Медена земја“ е во трката за претстојните оскари во две категории – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм.

По победата на американскиот фестивал „Санденс“ лани, „Медена земја“ освои голем број награди, номинaција за европски Оскар, а имаше и одлични критики од најреномираните филмски критичари и медиуми.

Документарниот филм „Медена земја“ е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Филмот е во продукција на Атанас Георгиев, кој е и монтажер, а кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума.

 

 

извор: Makfax