СВЕТСКИОТ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС БАРА КОНФИСКАЦИЈА НА ИМОТОТ НА ПОРАНЕШНИОТ ПРЕМИЕР

Надлежните органи да го испитаат потеклото и да го конфискуваат имотот на Љубчо Георгиевски, бара Светскиот македонски конгрес. Од СМК исто така сметаат дека Георгиевски треба да биде затворен во Идризово, поради велепредавство бидејќи постоеле докази за неговото бугарско државјанство. Во соопштението до медиумите, СМК се повикува на информацијата на порталот “Македонска нација” за документацијата околу бугарското државјанство на поранешниот премиер. Порталот го објавува интервјуто на поранешниот бугарски потпретседател Ангел Марин, ополномоштен од последниот бугарски претседател Георги Прванов за потпишување на указите за прием во бугарско државјанство, од службената интернет-страница на претседателот на Бугарија, дадено на 21 јули 2006 година за весникот “24 часа”. Според веста на порталот поранешниот бугарски потпретседател, на 23 февруари 2006 година потпишал указ за бугарско државјанство на Георгиевски, според неговото “бугарско потекло”.
-Конечно и документирано е потврдена демисијата на овој отпадник од нацијата, од бугарски врховист, до бугарски државјанин поради своето “бугарско потекло”. Од проекциите за рекомпонирање на државноста со кантонизација, редефинирање на македонскиот ентитет преку индоктринација, диференцијација и селекција во македонското општество, пред се, во државната и јавната администрација, до извршител на симулираната војна во 2001 година и проекциите за внатрешна редистрибуција на територии и население во Македонија. СМК смета дека повеќе не постојат Македонци во светот кои се уште му веруваат, освен што е интересен за соседните контраразузнавачки служби и за СДСМ во намерата за реализација на сценарија за дестабилизација на Македонија и за рекомпонирање на власта поради промена на државното име Македонија и страст за власт и сласт за моќ и пари, се вели во соопштението на СМК.

Што се однесува до имотот за кој беше прозван од неговите доскорешни сопартијци од ВМРО-НП, Георгиевски и во емисијата “Во центар” говори за земјиште во Бардовци кое најпрвин било земјоделско. Марјан Додовски кој премина во ВМРО-ДПМНЕ го обвини Георгиевски дека договара коалиција со СДСМ, бидејќи ќе добие плацови во неколку општини во кои оваа партија има градоначалници. Меѓу нив, како што посочи е општина Карпош каде градоначалник е Стевчо Јакимовски.

(Г.Ма)