Компанијата „Јунајтед Груп“ одлучи да помага во државите во регионот со 3 милиона долари заради кризата со коронавирусот. За Македонија се наменети 100.000 долари.

„Јунајтед Груп“, која работи во седум држави во регионот, во духот на солидарноста за борба со вирусот Ковид 19, ќе донира медицинска опрема и пари во вкупна вредност од 3 милиона долари. За Северна Македонија е обезбедена парична помош од 100.000 долари. Во деновите кога на сите им е потребна храброст и поддршка, „Јунајтед Груп“ сака да помогне што побрзо сите заедно да ја пребродиме една од најголемите светски здравствени кризи и да ја олесни работата на медицинските работници, а на граѓаните да им овозможи дополнителна сигурност.

Во рамките на „Јунајтед Груп“ во Северна Македонија работат Тотал ТВ, „Јунајтед Медиа“ со телевизиските канали „Спорт Клуб“, Н1, Нова, Гранд, Пикабу, Вавум, Синеманија, Лов и риболов, иДЈ, Бреинц и продажната агенција „Директ Медиа“, се додава во соопштението, објаснувајќи дека:

„Заради епидемијата која го услови останувањето на граѓаните дома, компанијата „Јунајтед Груп“ веќе ги отклучи сите ТВ канали на своите платформи во целиот регион, за кои што доби дозвола, уверена дека е важно сите да бидеме солидарни и дека е битна секоја поддршка на граѓаните во целиот регион“.

„Јунајтед Груп“ е водечки провајдер на телекомуникациски и медиумски услуги во Југоисточна Европа. Како дел од водечката меѓународна инвестициска компанија BC Partners, работи во Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Црна Гора и Бугарија.

извор: Makfax