x

Јувентус и Милан рекордери во намалување на платите во Серија А

serija-a-13

Платите во италијанската Серија А паднаа за 72 милиони евра во текот на минатата година, со тоа што Јувентус скратил 58 милиони од џебовите на своите фудбалери, додека 25 милиони евра се избришани од книговодствените книги на Милан. Според анализата која ја објави весникот „Газета дело Спорт“, Кристијано Роналдо останува убедливо најплатен фудбалер во лигата.

Според анализата, во сите клубови се забележува трендот на намалување на обврските за новата сезона. Јувентус направи најмногу кратења, намалувајќи ги платите за 58 милиони евра од вкупната сметка, и покрај тоа што и натаму клубот ги има највисоките исплати по овој основ од сите клубови во елитата. Кристијано Роналдо сам заработува 31 милиони евра од вкупните трошоци за плати кои кај „Старата Дама“ изнесуваат 236 милиони евра.

Милан исто така ги намали трошоците од 115 милиони на сегашните 90 милиони евра, а Златан Ибрахимовиќ е најплатениот фудбалер во клубот со 7 милиони по сезона. Интер е еден од ретките кои дури и го зголеми износот кој го дава за плати, по ангажманот на неколку нови играчи. Касата на Интер годишно за плати издвојува 149 милиони евра.

Рома ги намали платите за 13 милиони евра, додека Лацио ги зголеми своите за 11 милиони евра по квалификациите во Лигата на шампионите.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата