Како што информираат од кабинетото на Јолевски, на средбите, меѓу другото, стана збор за потенцијалните ефекти од зголемување на интензитетот на мигрантската криза, опасноста од современиот тероризам и останатите неконвенционални закани.

– Министерот Јолевски ја искористи можноста да ги запознае своите соговорници за интензитетот на соработката која Република Македонија ја има со САД во доменот на одбраната во изминатиот период и воедно се заблагодари за поддршката која вооружените сили на САД и ја даваат на Армијата на Република Македонија. Сенаторот од Аризона и голем поддржувач на Република Македонија, Џон Мекејн, изрази особен интерес околу напредокот во решавањето на спорот со името со јужниот сосед, истакнувајќи го попречувањето на Македонија, посочуваат од кабинетот на Јолевски.

Министерот Јолевски истакна дека предизвиците пред кои се наоѓа Европа, вклучувајќи ја и Југоисточна Европа, бараат да се преземат стратегиски чекори. Тие би се состоеле во давање покана на Македонија за членство во НАТО, ратификување на приемот на Црна Гора во НАТО, како и активирање на МАП процесот за Босна и Херцеговина.

Двата соговорници разговараа и за актуелните состојби во регионот, како и за внатрешно политичките состојби во Македонија.

– Сенаторот Мекејн се осврна на потребата буџетот за одбрана на земјите членки и аспиранти да достигне два отсто од бруто домашниот производ, воедно оддавајќи признание на фактот дека 20 отсто од актуелниот буџет се троши за модернизација на АРМ. Јолевски побара од сенаторот да продолжи со поддршката на Република Македонија. Сенаторот МекКејн го увери министерот Јолевски дека во неговите приоритети за 2017 година ќе биде зајакнување на поддршката која САД ѝ ја дава не само на Македонија, туку и на целиот регион, истакнувајќи дека ќе направи напори оваа година да ја посети Македонија, се вели во соопштението од кабинетот на Јолевски.