Сега на Европската Унија треба да ѝ кажеме дека ние ги прекинуваме преговорите и дека тие треба да си ги средат проблемите со земјите членки, по што ние повторно би се вратиле во процесот на преговори за членство, вели историчарот Јован Донев, поранешен македонски амбасадор во Лондон, во интервјуто за МКД.мк.

Вашата теза за Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со Бугарија е дека всушност тие се надополнуваат еден со друг, а заедничката линија е бришење на македонскиот идентитет. Власта поинаку нѐ убедува, дека никој не го негира постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик?

– Изјавите на премиерот Заев и неговите министри воопшто не треба да се земаат сериозно. Ескалацијата на спорот со Бугарија најдобро го покажува тоа. Во моментов ниту премиерот на Бугарија, ниту министрите за надворешни работи и за одбрана, воопшто не се воздржуваат јавно да изјават дека не постои ниту македонски народ ниту јазик. Од друга страна, ваквите бугарски изјави не наоѓаат на реакции од страна на официјалните лица во главните европски градови. Фразите од типот спорот треба да се реши и слично, јасно покажуваат дека во моментов никој не смета за потребно да ѝ се спротивстави на Бугарија, а можно е и некои од главните европски играчи да ја поддржуваат. Толку од Заевиот зацементиран јазик и идентитет.

Во однос на првиот дел од вашето прашање би укажал само на еден момент. Преспанскиот договор меѓу останатото го нападна изворот на македонизмот. Митската поврзаност помеѓу античката македонска држава и Македонците од втората половина на деветнаесеттиот век. Поврзаност што во суштина придонесе за развојот на македонското народносно чувство, од кое подоцна се разви македонската нација. Бугарија, во овој момент, го напаѓа токму тој деветнаесетвековен македонизам, а со цел да ја докаже тезата дека Македонците се етнички Бугари. Тоа не само што јасно покажува дека двата договори се поврзани, туку и дека едниот без другиот не може да опстои

Што мислите, зошто на тој прекин инсистирала Грција, а ние така лесно ставивме потпис на едно толку сериозно прашање?

– Грчката позиција е јасна уште од 1945 година. Таа никогаш не признавала постоење на македонски народ и македонска држава. Разликата е само во тоа што за разлика од останатите министри за надворешни работи, министерот Коѕијас најтешката работа им ја препушти на Бугарите. Без оваа поврзаност, грчкиот парламент немаше да даде согласност на договорот од Преспа.

Излегува дека Грција и Бугарија се договориле – вие антиката, ние македонското, и да ги решиме конечно…?

– Тоа само на „слепите“ не им е јасно. Се разбира, и на тие што имаат интерес да му служат на режимот на Заев.

Повеќе на МКД.мк