Јованка Броз го сменила Ранковиќ!
Тито во 1963 година без претходна консултација со највисокото раководство го именуваше Александар Ранковиќ за потпретседател на Југославија, а генерал Иван Гошњак за заменик на врховниот командант. Додека овој Титов потег наиде на различни реакции во врвот на државата и партијата, поголемиот дел од граѓаните, особено во источниот дел на земјата, овие нови промени ги прифатија со симпатии. Меѓутоа, Титовата одлука посебно наиде на лош прием кај двата главни претендента за неговото место – Едвард Кардељ и Јованка Броз. Тие поставувањето на Ранковиќ го доживеале како личен пораз. Сметаа дека со овој чин Ранковиќ станал единствен сигурен Титов наследник.
Бидејќи соборувањето на Ранковиќ тогаш претставувало тешко решлив проблем, сите антиранковиќевски сили се соединиле во разрешавањето на проблемот. Основно начело на нивната борба била: “Ранковиќ мора да биде сменет, а УДБА разбиена по секоја цена”.
Крајичиќ, кој ги обединуваше сите овие сили и ја координираше нивната работа, главната улога во тоа и ја доверил на Јованка Броз, која требала да го убеди Тито дека Ранковиќ му работи зад грб и дека сака да му ја преземе власта. Јованка таа улога ја прифатила пред се од лични причини. За својата улога во неколку наврати самата ќе рече: “Ранковиќ не го смени Тито, туку Јованка Броз. Јас бев таа која прва ги откри неговите подли намери. Морав да го убедам Тито дека Ранковиќ му е лажен пријател и дека му е голема грешка што го постави за потпретседател “.
Под притисок на Јованка, Тито полека попуштал. Таа секој ден му сервирала нови докази за нелојалноста на Ранковиќ и порастот на неговата популарност. Некои од тие докази самиот Тито ги запазил во еден филмски журнал. При поминување на колоната автомобили во кои се наоѓал Ранковиќ, низ улиците на Белград, граѓаните застанувале, аплаудирале и скандирале: “Лека! Лека!”, а некои извикувале: “Лека за претседател!”.
На Тито особено му паднало в очи кога Ранковиќ во своите говори се спротивставувал на некои негови идеи и ставови. За Титовата идеја дека партијата треба да води, а не да раководи, рекол дека тоа не е реално и го истакнал спротивното: “Партијата мора и да води и да раководи”. И Кардељ на Тито секој ден му сугерирал дека Ранковиќ е централист и дека нема ништо демократско во себе и дека е најголем непријател на самоуправниот систем.
Капак на се беше извештајот од Цвијетин Мијатовиќ тогашен амбасадор во Москва, за однесувањето на Ранковиќ за време на посетата на Советскиот Сојуз во април 1966 година. Извештајот на Мијатовиќ делувал шокантно на Тито. Не можел ниту да замисли дека Советите можат да прават такви протоколарни глупости, давајќи му на Ранковиќ почести кои се својствени само за шефови на држави. Еден од членовите на делегацијата (Шакота) на свечената вечера на која присуствувало највисокото советско раководство искажал здравица во чест на “новиот млад претседател на СФРЈ”.
Сето ова претставувало јасни знаци за популарноста на Ранковиќ и неговите лидерски амбиции, но и недоволна причина за негова смена, особено што таквата смена не би можела да помине без поголеми последици. За Тито најприфатлива идеја била онаа на Јованка да се обвинат Ранковиќ и Службата за безбедност за прислушкување на шефот на државата и на највисоките раководители, односно за злоупотреба на своите надлежности.
Набрзина, техничарот на Крајачиќ, Божо Рашета поставил прислушни уреди во брачната постела на Тито и Јованка ,како и во целата нивна вила на Дедиње. Но, најважно било тоа што каблите оделе во правец на вилата на Ранковиќ. Тогаш на сцена стапила военотехничката комисија која веднаш го открила доказниот материјал против Ранковиќ. Тоа било доволно Тито да истапи пред јавноста и да го обелодени “заговорот на Ранковиќ”.