Турскиот премиер Бинали Јилдирим ја оцени како „безобѕирна лага” проценката на западните медиуми дека целите на воените акции на Анкара повеќе се насочени кон Курдите отколку кон џихадистите.

-Западните медиуми или не знаат да ја работат својата работа или нивната работа е да сервираат безобѕирни лаги, истакна Јилдирим.

Изјавата на турскиот премиер следеше откако германскиот весник Шпигл, кој често ги критикува турските власти, објави текст под наслов „ИД е изговор, цел се Курдите”.

Јилдирим нагласи дека целиот текст е лага, пренесува Танјуг.

-Целта на нашите воени мисии е да ги обезбедиме границите, животите и имотите на жителите. Секоја вест која не се однесува на ова е чиста лага, потенцира турскиот премиер.

Турската армија во средата ја започна операцијата „Еуфратски штит” во Сирија, за да ги потисне силите на ИД од сириско-турската граница и да престане напредувањето на курдските сили, кои Анкара смета за непријатели.

Турските медиуми објавија дека армијата испратила 50 тенкови и 380 војници на територијата на Сирија за оваа операцијата. Турските сили се поддржани од сириските бунтовници.

Најмалку 20 цивили загинаа во неделата утрото во Сирија при воздушни напади од турските сили, соопшти Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.

– Најмалку 20 цивили се убиени, а уште 50 се повредени во турските воздушни напади во близина на селото Џаб ел-Кусе, јужно од Џараблус, изјави шефот на сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.

Еден турски војник загина, а тројца се повредени во саботата во ракетен напад врз турски тенк во близина на градот Џараблус, во северниот дел на Сирија.

Турските власти соопштија дека нивната воена операција во северна Сирија ќе продолжи се додека борците на курдската милиција Сили за заштита на народот (СЗН) не се вратат на исток од реката Еуфрат.