Македонската ракометна гордост, Кометал Ѓ.Петров по третпат ќе игра во финалето од Лигата на шампионите за жени, откако во реваншот го совлада традиционално незгодниот противник , австрискиот ХИПО со 22:18 (8:11), со што ја анулира предноста на “банкарките” од Виена од 2 гола (32:30). Средбата мина во тврда и бескомпромисна борба во сите 60 минути, актерките на двете екипи не се штедеа, а нашиот шампион одигра брилијантно второ полувреме, кое потсетуваше на претходните убави претстави и победи во “Кале” против актуелниот европски првак данскиот Слагелсе и словенечкиот Крим. Централна фигура на средбата беше турската интернационалка во редовите Јелиз Озел, која како и во Виена, така и во Скопје со своите луцидни потези, прекрасни проигрувања и пред се ефектни голови ја крена публиката на нозе, а ги понесе ѓорчепетровки кон голема победа, против исто така големиот противник ХИПО. Газдата на “банкарките” Гунар Прокоп, со кого имаме непријатни спомени од 2000 година, кога беше нокаутиран во “Кале”, овојпат, по нашето блескаво издание во вториот дел, немаше причина за провокација и иритирање на публиката. Едноставно, ова беше вечер на Кометал Ѓ.Петров, а ХИПО, со ѕвездите Логвин, Енгел, Ротис, Шикаренко и другите, на крајот испаднаа само статист. Лошото прво полувреме и постојаното водство на ХИПО од 3-4 голови, не ветуваше блескава завршница на нашиот тим. Четата на Прокоп умешно ги користеше нашите слабости – непрецизните додавања, загубените топки, лошата игра во одбраната и слабата реализација. Меѓутоа, во второто полувреме Кометал Ѓ.Петров со вистинското лице. Одбраната заигра гранитно, Јелиз Озел блесна во вистинскиот момент, нападот почна да ни функционира со стоотстотна реализација, по што противникот ја загуби главата. На голот Борисенко правеше чуда, ударите на опасните Ротис, Спиридон и Логвин ги ловеше како од шега и по израмнувањето на 11:11, што беше дотогаш второ на натпреварот (по 1:1), Кометал Ѓ.Петров до крајот на средбата беше тимот што диктираше темпо и што иташе кон посакуваната победа и финалето. Озел во серија со проигрувањата и ефектните погодоци наполно ја разби дотогаш многу добрата одбрана на ХИПО и во самиот финиш дојдовме до 21:16 и 21:18 (59:47), што беше доволно за Кометал Ѓ.Петров да се пласира во финалето. На крајот, блескавото издание на нашите девојки беше зачинето со “цепелин”, откако Кастратовиќ речиси од центарот пред голот на Криворучко ја проигра младата Пецевска, а оваа со манир на искусен стрелец поентираше и делириум во “Кале” – 22:18.


Вилизар ПАВЛОВ