Северна Кореја го привела јапонскиот турист Томојуки Сугимото под обвинение дека го прекршил законот за време на неговата посета на таа земја, поради што треба да биде протеран.

Според официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА, Сугимото, снимател од префектурата Шига во централна Јапонија, бил фатен како снима воен објект во Нампо, пренесе „Ројтерс“. Тој бил испрашуван за време на викендот и сé уште не е познато дали веќе е протеран од Северна Кореја или не.

Јапонската влада денеска соопшти дека ги следи извештаите на КЦНА.

„Владата ги прави сите напори, но не навлегуваме во детали поради природата на случајот“, соопшти јапонската Влада.

На почетокот на август јапонските медиуми објавија дека еден јапонски државјанин бил уапсен во Северна Кореја и дека владата собира информации во врска со неговиот случај.

извор: Makfax